ФОТО: Груевски се обрати на Самитот на ОН за одржлив развој

Претседателот на Владата на Република Македонија, Никола Груевски, вчера во Њујорк, САД, се обрати на Самитот на Обединетите Нации за одржлив развој.

Во своето обраќање тој ја поздрави и поддржа универзалната агенда за намалување на сиромаштијата и подобрување на благосостојбата на граѓаните, преточена во документот Трансформирање на нашиот свет: Агенда за одржлив развој 2030. Посочи дека целите за одржлив развој треба да се постигнат со здружени сили во партнерство на глобално, регионално, национално и локално ниво.

Премиерот Груевски ја истакна регионалната посветеност на земјите од Централна и Источна Европа за придонес во реализација на целите за одржливиот развој.

-Централно-европската иницијатива со која претседава Република Македонија сака да биде активно вклучена во спроведувањето на пост 2015 развојната агенда, а земјите-членки ја искажуваат својата подготвеност за конкретен регионален придонес, за преносот на знаења и размена на најдобрите практики во различни иницијативи за одржлив развој, градење капацитети на јавните институции и подигнувањето на свеста, истакна премиерот Груевски.

Груевски потенцираше дека Република Македонија активно придонесува кон заедничките цели, и дека по Конференцијата за одржлив развој во Рио де Женеиро се интегрираат принципите за одржлив развој во нашите национални политики.

-Основавме Национален совет и ја усвоивме Националната стратегија за одржлив развој. Во јули подготвивме преглед за напредокот во спроведувањето на Стратегијата што беше претставена пред Одделот за економски и социјални работи и Одделот за одржлив развој на ОН. Следен чекор е да се вклучат целите за одржлив развој во нашите стратегиски документи, вклучително и Акцискиот план за одржлив развој. Очекуваме да добиеме поддршка преку новата УНДАФ – Рамка за развој на помош при ОН 2016-2020, што се подготвува во консултации со сите релевантни страни, додаде тој.

-За социјално ранливите ги зголемивме социјалните трансфери за над 50%, воведени се и зголемени финансиски надоместоци за ранливи категории, а посебно за децата без родителска грижа, а работодавците ги ослободивме од плаќање на давачки за плата за нивно вработување во период од 5 или повеќе години. Преку странските инвестиции и поддршката на приватниот сектор невработеноста во нашата земја е намалена за над 11%. За вработување на млади лица до 35 годишна возраст, државата ги плаќа придонесите за социјално осигурување и персоналниот данок, истакна Груевски во своето обраќање.

-За младите, буџетот за образование изнесува 5-6% од БДП, на ниво на земјите од ОЕЦД. Воведени се Кембриџ наставните програми за математика и природни науки, изучувањето на англиски јазик е од прво одделение, а на втор странски јазик од шесто одделение. Обезбеден е компјутер за секое дете во основните и средните училишта. Се бориме за елиминирање на сите форми на насилство против жените и девојките, особено за стопирање на трговијата со бело робје за што добиваме највисоки оценки од релевантни меѓународни институции, економскиот статус на жените го унапредуваме преку посебните програми и финансирања, поволности за вработувања на самохраните мајки, продолжување на породилното отсуство и посебните заштити на вработените мајки, како и промовирањето на зголемено учество на жените во политичкиот живот, подвлече Груевски.

 

 

Оцени ја веста

28.09.2015 - 10:38

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега