И синот на Ружин под покривот на Жерновски- лажната департизација на СДСМ излегува на виделина

Нема крај на скандалите кои излегуваат од општина Центар. Откако вчера Сител објави кои се роднини на функционери на СДСМ добиле вработување кај Жерновски, денес телевизијата објавува нов скандал.

Велат дека се борат против партизацијата на институциите, а во оние кои ги водат се вработува исклучиво партиски. Опозицијата ги партизира институциите каде има власт, а лицемерно и лажно говорат за департизација.

Сител објавува дека Марко Ружин, синот на Нано Ружин кој е висок функционер во ЛДП и бивш амбасадор, од пред некое време работи во Општина Центар.

Според извори на телевизијата од ЛДП, вработувањето на младиот Ружин паднало како пазар во внатрешните игри во ЛДП.

- Своевремено, Нано Ружин беше опозиција на Жерновски во партијата, за да се смири ситуацијата падна договор за вработување на неговиот син, вели неименуван извор.

Во оделението за односи со јавноста, Жерновски го вработил членот на извршниот одбор на подмладокот на ЛДП, Емил Лазарeвски.

Лазаревски во последните неколку години е еден од поистакнатите активисти на ЛДП, а пред две години на прес-конференција глумеше некаква жртва на режимот, денес тој е задолжен за лиферување на соопштенијата до јавноста кои ги праќа општината, објавува Сител.

Освен од подмладокот на ЛДП, и подмладокот на СДСМ ќарил од партиските вработувања на Жерновски. Во администрацијата на Центар вработен и Давид Геровски кој е активист на СДММ и се наоѓаше на изборната листа на партијата.

Вчера Сител објави листа од 8 лица кои по партиско-роднинска релација се преземани од Карпош во општина Центар. Ден по скандалот, Жерновски не одговара на телефонските повици.

Жерновски ја вработил, Антица Сашек, мајка на Саша Сашек која е член на советот на Општина Центар и гласа за неговите предлози. Го вработил и Стојан Алексов, таткото на советникот на СДСМ во општина Карпош, Мартин Алексов. Ја вработил и Маја Ралевска која е секретар на Општинската Организација на СДСМ во Карпош.

Место под покривот на Жерновски си нашла и Јулијана Хаџиевска која е мајка на шефицата за протокол на Зоран Заев, Иванна Хаџиевска.

Наташа Иванова важела за блиска соработничка на Андреј Петров додека тој беше В.Д градоначалник на Карпош, сега таа е преземена од нејзиното работно место и работи во општина Центар.

Истото Жерновски го направил и со Вукица Куновска чиј сопруг е бизнис соработник на кумановскиот градоначалник Зоран Дамјановски – Циц, но и со членот на извршниот одбор на СДСМ во Карпош, Дане Стојковски.

И поранешната вработена во кабинетот на Радмила Шекеринска, Стефанија Макаровска е преземана од општина Карпош и сега работи во Општина Центар, нејзината тетка Даница Мартиновска е советничка на СДСМ во општина Карпош.

Сите овие луѓе претходно биле вработени во Општина Карпош и со години биле на истите работни места. Од Карпош велат дека никој од нив не е отпуштен, сите се префрлени во Општина Центар по барање на Жерновски.

Според информациите на Сител, освен од Карпош, Жерновски преземал вработени и од Општина Кисела Вода, Ѓорче Петров и Гази Баба. Како што велат нашите извори од Центар, неговиот план бил да ги преземе сите кадри на СДСМ кои работат во другите општини и од Општината Центар, која би треба да е сервис на сите граѓани, да направи партиско дувло.

Тој често обвинува за партизација на институциите, но по се изгледа департизацијата ќе треба да ја почне од својот двор.

Скандалот со партиските преземања е само еден од низата на скандали во кој е вмешан градоначалникот на Центар. Минатата недела тој беше во центарот на вниманието заедно со хаусмајсторот милионер кој го поставил за главен општински инспектор.

Освен овие вработувања, според извори на Сител, и во “Паркинзи Центар“ се вработува исклучиво според партиска припадност.

Една од точките на извештајот на Прибе за Македонија е токму партизацијата на администрацијата. СДСМ често во обид да го затскрие своето работење ја обвинува власта за партизација иако фактите покажуваат дека со своето дејствување СДСМ му нанесува сериозен удар на угледот на државата, заклучува телевизијата

 

 

Оцени ја веста

28.07.2015 - 15:16

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега