Миодраг Лабовиќ: 24 години една иста група не реформира и никако аир да видиме

 

Универзитетскиот професор, Миодраг Лабовиќ заговара суштински промени на успавно-политичкиот систем на Македонија како решение на политичката криза од една страна, но и како поставување стабилна основа на функционирање на институциите во иднина со цел превенирање слични кризи. Лабовиќ смета дека сега е врема за коренити реформи.

-Сметам дека политичката криза, вака или онака, ќе се надмине. Далеку позначајно за Македонија е надминувањето на системската криза, чија што последица е оваа досега најголема политичка криза. Но, за да се надмине системската криза долгорочно и системски стабилно потребни се системски решенија. Најпрво преку Уставни измени, затоа што сегашните уставни решенија не се прилагодени на посебниот менталитет, поданичката политичка култура, ниската правна свест и отсуството на примарноста на државниот интерес наспроти личниот и партискиот интерес. Тоа странците не можат да го сфатат, затоа што кај нив системот функционира и без подлабоки нормативно-институционални резови, кои се компензирани со нивните сосема поразлични од нашите специфични детерминирачки фактори, вели Професорот Лабовиќ во интервјуто за Прес24. Тој ги образложува своите идеи како да се дојде до функционален пралвно-политички систем.

- Ако имаме и ние среќа, корист од ваквите долгорочни и квалитативни, подлабоки структурни реформи, освен најголемиот дел од граѓаните, ќе има и онаа влада или лидерството на политичка партија  која ќе има интелектуална, морална и духовна доблест да ги препознае,  усвои, а потоа и да ги реализира овие длабоки структурни реформи во системот, без притоа да се менува типот на политичкиот систем. Со тоа, таа Влада односно политичка партија: 1) ќе влезе во аналите на историјата бидејќи ќе создаде систем кој долгорочно и стабилно функционира, без оглед кој е на власт и без оглед на тоа дали имало, немало, или, колку имало политичка воља, морален интегритет и кредибилитет, чесност и слично. Консеквентно на тоа, најголемата придобивка од ваквите реформи  е законот да се спроведува на многу повисок степен отколку досега, по силата на самиот систем, без оглед кој ќе биде на власт. 2) со создавањето на ваков систем, таа власт што еднаш ќе го прекине, самата себе ќе се осигура од политички реваншизам и неоснован кривичен прогон после нејзиното заминување,  имајќи го предвид фактот дека сите влади досега во Република Македонија, повеќе или помалку, најголемиот дел од времето го трошеле токму на тоа, потенцира Лабовиќ за Прес24.

Професорот Лабовиќ во интервјуто ја отвара и темата за општествената одговорност на интелектулаците и нивната слабост да нудат конкретни практични решенија. Професорот се согласува со констатацијата дека една мала група интелектуалци, кои со години се дел од процесите на носење законски регулативи, го има окупирано општествентиот простор и не дозволува никакв влез на каква било друга свежа идеја.

- За ова прашање , меѓудругото, откупив лично цела страница во “Дневник“2012 година  и тогаш и сега ќе кажам дека една иста група на луѓе , со мали промени, веќе 24 години не реформира и никако да видиме аир од тие реформи. “Длабоката држава“ ли  е или нивната умешност да се инфилтрираат  и умрежат во сите експртски тела и комисии за донесување на највисокиот правно-политички акт-Уставот до сите системски закони во државата. Перманентно тие се и никој друг, без оглед што владите се менуваат . Меѓутоа, како и да е институциите се, сепак, виновни. Зошто тие, на пример, не распишуваат јавен конкурс, за најзначајни проекти и подготовка на системски закони, туку по тајни канали ги ангажираат како да се само тие експерти. Ајде де, да се тие најквалитетните како што самобендисано сакат да кажат. Но не излегуваат на мегдан за да се види нивниот квалитет. Тука сте виновни и вие медиумите помалку или повеќе, затоа што не сакате да се потрудите да видите кој за што каков научен труд напишал, какви рецензии, награди, признанија за тоа добил. По инерција или “нарачано“  најчесто ги каните само “вмрежените“ интелектуалци и со тоа придонесувате медиумски “напумпаните балони“, лажно да бидат претствувани како неприкосновени авторитети во определени општетсвени области , вели Миодраг Лабовиќ, универзитетски професор во Интревјуто за Прес24.

Тој одговара на многу прашања, поврзани и со политичко безбедносната состојба.

ПРЕС24: Сметате дека сега е време за суштиснки вистински реформи во македонскиот државен систем на функционирање. Не мислите ли дека, реалната состојба е сосема поинаква, дека е задоцнета рекацијата пред се поради досегашниот лошо поставен политички систем во Македонија, кој не дозволува реализација на какви било реформи?

ЛАБОВИЌ:  Никогаш не е доцна се дури  има реални шанси да се спаси и да се поправи тоа што не чини. А, токму тоа што Вие посочувате дека е лошо поставен уставно-правниот и поссебно политичкоит систем, затоа и треба да се менува. Секако,  во системско-стратешкиот пристап што го заговарам потребни се истовремени длабоки реформи  со кохерентни и комлементарни системски решенија во сите други  клучни општествени области, како што се: правосудниот систем, безбедносниот систем, државната и јавна администарција, локалната самоуправа, економско-финансискиот систем, цивилното општество, како и внатре помеѓу потсистемите на наведените области. Освен тоа, оваа криза треба да се гледа и низ призмата на филозофската максима дека во секое зло има и добро. Сега, во ваков политички моментум кога политичките партии се изложени на преговарање и договарање  под меѓународно посредништво сметам дека треба да се притисне од сите страни да не се испушти оваа ретка  можност - системот да се постави на здрави нозе.

ПРЕС24: Како да се постигнат суштински и вистински реформи, кои би обезбедиле непречено функционирање на системот ако тие директно зависат од волјата на политичките актери. Досегашната пракса покажа дека решенија се носат само во функција на најмоќните политички партии?

ЛАБОВИЌ:  Да, точна е Вашата констатација. Имено, почетна, првична политичка воља е неопходниот предуслов за да се изгради систем кој што долгорочно и системски стабилно ќе функционира, без оглед кој е на власт и без оглед на тоа дали отпосле, кога веќе еднаш ќе се постави системот, имало, немало, или, колку имало политичка воља, морален интегритет, кредибилитет, чесност и слично. Имено, овие категории се премногу значајни и дај Боже нив да ги има што повеќе. Но, треба ли да мижиме пред ноторните емпириски факти, дека, ајде да не речам ги нема, ама, навистина, многу малку ги има. Во вакви фрагилни  и по многу нешта ранливи општества, системот не треба да се гради и потпира единствено на вакви флиудни категории, иако тие се, повторувам многу пожелни.

Сметам дека политичката криза, вака или онака, ќе се надмине. Далеку позначајно за Македонија е надминувањето на системската криза, чија што последица е оваа досега најголема политичка криза. Но, за да се надмине системската криза долгорочно и системски стабилно потребни се системски решенија. Најпрво преку Уставни измени, затоа што сегашните уставни решенија не се прилагодени на посебниот менталитет, поданичката политичка култура, ниската правна свест и отсуството на примарноста на државниот интерес наспроти личниот и партискиот интерес. Тоа странците не можат да го сфатат, затоа што кај нив системот функционира и без подлабоки нормативно-институционални резови, кои се компензирани со нивните сосема поразлични од нашите специфични детерминирачки фактори. Меѓутоа, мене ме чуди, како нашите новинари не го сфаќаат тоа и во сите интервјуа упорно инсистираат на препораките на Прибе, во смисла, дека немало да бидат спроведени како што многу пати досега не се спроведувале , а не гледаат дека дури и 100 пати тие да се спроведат главната болест останува. Затоа што Прибе во Извештајот јасно вели дека во најголем дел препораките ќе се одвиваат во рамките на веќе постојната законска рамка. Во поголем дел од Извештајот се повикува на поголема свест за почитување на законите и професионалните етички стандарди.  А, свеста најтешко и најспоро се менува. Системот што го предлагам, меѓу другото, повратно влијае за побрзо менување на свеста. Според тоа,  ако останеме само на препораките од извештајот на Прибе, најодговорно тврдам дека ништо суштински нема да се смени во однос на надминувањето на системската криза.

ПРЕС24: Заговарате уставни промени кои би ја поставил Македонија, како што велите во рамка на она што за западниот свет е нормала, а тоа е функционирање на системот и во услови на поголеми политички промени. Како мислите дека тоа може да се реализира, без сериозноста и желбата на партиите  доа да се постигне?

ЛАБОВИЌ: Да, е тоа е предусловот без кој што се не може.. Но, знаете тоа го имате или немате. Во рамките на дискусиите многу често се поставува прашањето: која е таа реална политичка сила која ќе има корист од спроведувањето на вакви длабоки структурни реформи, затоа што  тоа значи “сечење на гранката на која седи? Така е според логиката на корумпираните политикантски интереси. Но, нели се  стремиме и удираме во гради дека и по цена на лични жртви единственото што го сакаме е само да ја вратиме слободата  и демократијата на граѓаните. Прифаќањето или не на овој концепт за системско -  стратешки пристап за сруктурни реформи е најголемиот тест, репер за тоа  дали Македонија има само политиканти, обични политички блефери или има и мудри државници кои навистина се внеле себе со целиот свој интелектуален, морален и духовен потенцијал за добробит на својот народ и понатаму за човештвото во целина. Огромна е разликата меѓу политикант, политичар и мудар државник. Политикантот интелигентно бара лукави тактичко-маневарски потези како да ја освои власта за лично-пратијски интереси, криејќи се вешто зад државните и национални интереси, слободата, демократијата, борбата за човекови права и слободи. Таквиот ендемски вид особено доаѓа до израз кога имате султнски партии во лична сопственост на една врхушка, кои таквата поставеност ја транспонираат и на ниво на државна власт, кога ке се докопаат до власта. Политичарот размислува како да креира добри политики со добри мерки и решенија за да народот го гласа и на следните избори. Додека, мудриот државник визионерски гледа најмалку 20 години напред и го води народот и државата во насока на создавање систем на вредности и институции штп ќе останат и после неговата смрт, не за да ја освои пак власта, туку за да остане жив и после смрта, да остави неизбришлива трага во историјата на својот народ, а ако направи и дела кои го надминуваат значењето само за неговата држава, да остане трајно запишан и во светската историја. Гледате дека личниот интерес секогаш постои, но, кај разните видови политичари тој различно се манифестира, од лукративни, материјални интереси до нематеријални интереси. Оние земји што ја имале таа среќа да имаат мудри државници доживеале златни подеми во нивната историја. А, такви историски факти има во развојот на човековата историја.

Според тоа, ако имаме и ние среќа, корист од ваквите долгорочни и квалитативни, подлабоки структурни реформи, освен најголемиот дел од граѓаните, ќе има и онаа влада или лидерството на политичка партија  која ќе има интелектуална, морална и духовна доблест да ги препознае,  усвои, а потоа и да ги реализира овие длабоки структурни реформи во системот, без притоа да се менува типот на политичкиот систем. Со тоа, таа Влада односно политичка партија:

1) ќе влезе во аналите на историјата бидејќи ќе создаде систем кој долгорочно и стабилно функционира, без оглед кој е на власт и без оглед на тоа дали имало, немало, или, колку имало политичка воља, морален интегритет и кредибилитет, чесност и слично. Консеквентно на тоа, најголемата придобивка од ваквите реформи  е законот да се спроведува на многу повисок степен отколку досега, по силата на самиот систем, без оглед кој ќе биде на власт.

2) со создавањето на ваков систем, таа власт што еднаш ќе го прекине, самата себе ќе се осигура од политички реваншизам и неоснован кривичен прогон после нејзиното заминување,  имајќи го предвид фактот дека сите влади досега во Република Македонија, повеќе или помалку, најголемиот дел од времето го трошеле токму на тоа.

ПРЕС24: Ние денеска имаме ситуиација во која опозицијата не нуди идеја за суштински промени, туку едноставно бара Груевски да замине. А потоа? Потоа веројатно пак по старо.. Квази реформи кои нема ништо да променат?

ЛАБОВИЌ:  Корист од Уставните измени, по природа на работите, може и треба најмногу да има и опозицијата, бидејќи прашањето на кое мудро треба да одговори сега е: дали условот за преодна експертска (политичка) влада, како клучен услов за враќање во Парламентот, можеби  не треба да го надополни со прифаќање  и на далеку поквалитетни реформи. Тоа воедно значи и далеку поквалитетна политичка понуда за генерално реструктуирање или реконцептуализација на нормативно-институционалната структура, како вовед во длабоки структурни реформи за кои токму преку измени во Уставот може (треба) да  се отвори пат. Тоа е вистинската политичка инвестиција за политички бенефит од евентуална победа на идни парламентарни избори и можност за влез во историјата со квалитативно радикален пресврт во досегашниот курс на водење политика во Македонија.

Бездруго, овие реформи  ќе мора да ги направи некоја влада. Дали оваа, следната или некоја друга по неа, една ќе биде таа која ќе ја има доблеста на вистинска авангардна и креативна политичка сила да биде носител на вистинските квалитативни промени во општеството, со тоа што ќе ја сфати потребата од такви длабоки структурни резови во Македонија. Тоа ќе мора да се случи, не затоа што јас така мислам, туку затоа што тоа е во склад со објективните тенденции на закономерниот развој на општеството. Впрочем, тоа е и најбрзиот пат за приближување на нашата земја до високо развиените земји. Постојат и други патишта, но, тие се еволутивни, долги и спори. Всушност, тие значат каскање зад развиениот свет кон кој се стремиме. Тоа е многу далечно приближување на нашата земја кон развиениот свет и тоа под услов ние да имаме надпросечна стапка на економски раст и развој, а развиените да стагнираат.                                                                                                                          

ПРЕС24: Нудите идеја за неколку државни иституции почнувајчи од Јавното обвинителство, па се до бирото за јавни набавки. Според она што го заговарате главниот проблем на овие институции е неависноста. Мислите ли дека ако се промени системот на избор на јавниот обвинител, според опциите кои ги заговарате, ќе добиеме јавен обвиниетл професионален и отпорен на притисоци?

ЛАБОВИЌ: Конкретните решенија и тоа во неколку алтернативни варијанти што ги прадлагам во мојот научен труд, (а извадоци од него и во колумни), конкретно за избор на ЈО на РМ, ако ги споредите со сите досега наведени предлози од страна на разни политички субјекти, експерти, аналитичари, активисти, според логичките принципи на рационалистичката епистемологија која е доминантна во светот на науката, а тоа значи објективна споредливост со рационална конфронтација на аргументи, нема да биде нескромно ако кажам дека се далеку поквалитетни од сите досега понудени други предлози. Патем речено, објективна споредливост со рационална конфронтација на аргументи, е можна кога за спорните прашања имаме иста цел – во случајов –подобрување на владеење на правото. Таа не е можна кога немаме иста цел односно кога поаѓаме од различни морални, вредносни, идеолошко-политички или филозофкски матрици.

Меѓутоа,  условно кажано, и најдобрите решенија, нема да ги дадат очекуваните резултати ако тие не се поставени во систем. А, тоа е системско-стратешкиот пристап што го заговарам со пет базични постулати. Да не ги објаснувам тука заради просторот тие постулати, туку само ќе потенцирам: Тоа е систем во кој по силата на неговата внатрешна логика (меѓусебната контрола на системски вкрстена серија независни институции од владата, но не и апсолутнно независни од поширок сет на институционални контролни механизми констититуирани на квалитативно нов начин од преставници на соодветни општествени сегменти.) гарантира многу повисок степен на владеење на правото отколку досега, што е нашиот најголем проблем и предуслов за решавање на сите други економски, политички, безбедносни проблеми, ефективната засштита на човековите права итн..

Погонската сила на тој систем ја придвижува иницијалната каписла содржана во фактот дека од цела една серија независни институции кои можат меќусебно да се контролираат, многу поголема е веројатноста дека ќе се најде барем една која мериторно ќе укаже на кршење на законитоста од страна на Владата, но и на било која друга институција или поединец независно од неговата позиција во институционалната хиерархија на системот. Спротивно на ова досега, сите наши клучни државни институции ЈО, Уставниот суд, ДКСК, ДЗР итн, зависни се од Владата поради начинот на нивниото конституирање ( според Уставот или некои според законите). Во таа смисла, не само со ова решение, туку со цел систем на решенија за вистинска независаност на сите наши клучни државни институции, ќе се намали можноста за политичко влијание, но и “автоцензурирање“, како последица од  стравот од огромната концентрација на моќ во владата. Меѓутоа, на овој начин сигурно не може да се затвори прашањето за личната корумпираност и пристрасност на поедини јавни обвинители или судии., која останува архетипско паршање. Во секој случај новиот систем гарантира далеку поголеми можности дека евентуално корумираниот обвинител или судија непристарсно и врз основа на докази ќе може да биде не само откриен, туку таквиот случај и кривично-правно ефектуиран. Би требало да се сложите дека тоа досега се случуваше само кога власта имаше било каков интерес за тоа, а ретко понекогаш и за некој корумпиран функционер кој не е во “шемата“. И тоа беше присутно, повеќе или помалку, кај  сите влади досега.

ПРЕС24: Ве прашува затоа што искуството досега покаже дека најнефункционални биле оние иститиуции каде треаб да се постигне консезус меѓу партиите за избор? Сме имале ситуации на блокади, одолговлекување, неофункционалност...

ЛАБОВИЌ: Тоа се нефункционални предлог репшенија за избор на ЈО на РМ по пат на консензус меѓу сите парламентарни партии, затоа што тоа е пат систуација. Во услови на можна инволвираност по разни основи на сите страни во кривични дела, сите ќе посакуваат ЈО да биде нивно, да влече на нивна страна. Освен тоа, ваквото предлог-решение ни за во иднина не е долгорочно, стабилно репшение. Но, имаше и полоши предлози,  како оној ЈО на РМ да го бира опозицијата..Тоа не чини затоа што не треба да се гледа кој е моментално опозиција. Утре ќе биде друга политичка партија - опозиција, и таа ќе го врти ЈО како клучен фактор во кривичната постапка на своја “воденица“. Многу лоша идеја е и ЈО на РМ да се бира на непосредни избори. Со тоа оваа институција целосно следејќи го фолклорот на нашите партии, уште повеќе ќе се партизира, без оглед што некои ќе кажат дека ќе има сроги законски услови за немешање на партиите во изборите. Дека во САД , на пример , така се бираат    некои јавни обвинители. Кај нас тоа не е добра идеја,затоа што кај нас главен проблем е непримената на законот. А, ЈО на непосредни избори го руши целиот концепт на системот што го предлагам.

ПРЕС24: Професоре едена друга ситуација станува серизоен пробоем во државата. Тоа е отпорот на какви било промени. Можна ли е реформизација на мислата дека за напредок е протребно реформирање?

ЛАБОВИЌ:  Тука за жал реформата  на духот, на совеста и свеста, многу тешко и бавно се одвива. и покрај ангажманот на повеќе разни чинители за подигањена свеста итн, затоа што тоа е, пред се` индивисуална работа, а зависи и од многу други објективни фактори вон контрола на индивидуата, како што се генетските, атрополошко-социјалните и психолошките детерминанти на секоја индивидуа посебно. Меѓутоа системот што го предлагам повратно делува на свеста и ќе допринесе таа според внатрешната логика на системот, ако веќе еднаш се воспостави, многу побрзо да се менува отколку во ваков систем. Затоа е историска, авангардна и револуцинерна возвишена таидеја и благородна цел, еднаш само да се постави таквиот систем, после самиот ќе функционира. За ова да ви го илустрирам попластично ќе Ви наведам една паралела кога нашиот човек оди да живее и работи во некоја од развиените демократии каде владеењето на правото е на завидно ниво. Прашањето е како тој исти човек кој тука не го почитува законот, таму го почитува. Тоа е така затоа што таму тој мора да го почитува, бидејќи системот функционира и за непочитување има голема веројатнст дека ќе биде соодветно санкциониран. Разликата е само во факторите кои го придвижуваат системот таму да функционира. Истите фактори тука не можат да дадат резултат и затоа ни се потребни квалитативно нови институционални контролни механизми, за кои зборував погоре.

ПРЕС24: Она што е симптоматично е што одредена група на личности веќе три децении го има окупирано општествениот простор и само нивниот став се презенитира како реално исправен. Тоа се личности кои патем и ги поставиија погрешните темели на политичкиот систем во државата. Претпоставувате за кои зборувам. Моето прашање е во насока на тоа како да се демоноплизира ошштетстевниот простор?

ЛАБОВИЌ: Не можам да кажам дека не така, кога е така. И тоа е голем проблем. За ова прашање , меѓудругото, откупив лично цела страница во “Дневник“2012 година  и тогаш и сега ќе кажам дека една иста група на луѓе , со мали промени, веќе 24 години не реформира и никако да видиме аир од тие реформи. “Длабоката држава“ ли  е или нивната умешност да се инфилтрираат  и умрежат во сите експртски тела и комисии за донесување на највисокиот правно-политички акт-Уставот до сите системски закони во државата. Перманентно тие се и никој друг, без оглед што владите се менуваат . Меѓутоа, како и да е институциите се, сепак, виновни. Зошто тие, на пример, не распишуваат јавен конкурс, за најзначајни проекти и подготовка на системски закони, туку по тајни канали ги ангажираат како да се само тие експерти. Ајде де, да се тие најквалитетните како што самобендисано сакат да кажат. Но не излегуваат на мегдан за да се види нивниот квалитет. Тука сте виновни и вие медиумите помалку или повеќе, затоа што не сакате да се потрудите да видите кој за што каков научен труд напишал, какви рецензии, награди, признанија за тоа добил. По инерција или “нарачано“  најчесто ги каните само “вмрежените“ интелектуалци и со тоа придонесувате медиумски “напумпаните балони“, лажно да бидат претствувани како неприкосновени авторитети во определени општетсвени области . Само со развивање на делиберативниот концепт на демократија, кој што подразбира рационална конфронтација на аргументи меќу спротивставени ставови за прашања кои стремат кон иста цел ( веќе реков погоре дека кога нема иста цел делиберацијата на објективно - рационална основа е невозможна),најпрво, на медиумите, а потоа и во сите други општествени сегменти, ќе се постигне, од една страна, вистинско објективно информирање на граѓаните  за валидноста на различните пристапи за објаснување и решавање на најголемите општествени проблеми . Од друга страна, во овој реален свет на споредби, оценки, рејтинзи, цени и се друго што е продукт на егото и суетата, а на кои што се темели, за жал оваа цивилизација, барем ќе се види реално кој колку вреди. Оти, кога сам-себе се гледаш во огледало најубав си, ама кога ќе мериш  нешто со други  друг есап испаѓа. Е, овие за кој Вие зборувате, сакаат наводно да си ги мерат, ама во ужи круг на истомисленици, демек другите им се недостојни, при што се натпреваруваат меѓусесе кој повеќе ќе “пљука“ по власта и кој подуховито ќе ги опишува работите, без да понудат подлабоко објаснување, оти ако тоа го имаат, тоа е  веќе чекор до решенијата. Не знам дали приметувате ама тие обично немаат решенија. А, кога ќе ги извадат..... претенциозно е самиот да зборувам. Сами видете и споредете ги нивните решенија со тоа што, на пример, еве, мојата маленкост го предлага, па заклучете самите.

ПРЕС24: Зошто интелектуалците ги нема? Немаат идеи? Се плашат?

ЛАБОВИЌ: Зависи што подразбирате под интелектуалец. Кога веќе ме чепкате за ова   исклучително важна тема, слушнете го тогаш до крај мојот одговор. За мене лично интелектуалец не е оној само што поседува дилома, макар и за највисоко ниво на образование стекнато дури и на “најпрестижните“ светски универзитети. Знаете, многумина се кријат зад тоа. Џабе им е се ако тие немаат интелектуална дарба за апстрактна перцепција на најсложените појави, процеси и односи, а да не зборувам за продирање во најсложените детерминистички сплетови на причинско-последичните поврзаности. Дедо ми често велеше: “Синко, школото не дава памет, школото дава информации,  податоци, знаење“. Во таа смисла, денес во светот на хиперинформираност, има луѓе што знаат толку многу податоци, но лутаат, се губат во океанот на нивната хипринформираност, не можејќи да ги фатат конците и да ја склопат големата слика. Уште полошата варијанта од тоа е кога имаме луѓе толку сигурни во нивното навистина широко знаење, а не се свесни колку не знаат односно колку нивните ставови, погледи и размислувања се далеку од длабочината на други ставови.  Денес, најмалку интелектуалци можам да видам, условно кажано, меѓу најелитната категорија, универзитетските професори. Се намножија многу доктори на науки кои не го заслужуваат објективно тој епитет. Со тоа не сакам да го потценам формалното образование, но убеден сум дека најоптимален спој е кога природниот интелект ќе биде и образуван. Според мене подобра варијанта е природно интелигентен човек без формално образование,  кој може да ги разбере работите, иако тој своето образование може да го стекнува и неформално, образувајќи се сам, отколку формално високо образован човек со природна тупост на интелектот. Оттука, според мене интелктуалец е човек кој умее да ги промислува работите, да отвара најразлични димензии за сестрано разгледување на  проблемите, да не е склон кон површни и избрзани заклучоци , особено за прашања од поголемо значење и  онаа можеби најекслузивната димензија на интелектуалецот, да може да продре во сржта на појавите, процесите и односите,  да  има интелектуална способност  за продирање во што поголема секвенца од бескрајната причинско-последична поврзаност на теми од определени области, да гледа “зад  зидот“ , а богами оние и со поголема дарба да ги согледуваат  визионерски работите најмалку 15- 20 години напред. Ајнштајн своеверемно рекол дека интелектуалецот не го прави  интелектуалец само неговиот интелект, туку и неговиот карактер.

ПРЕС24: не ми одговоривте зошто ги нема интелктуалците?

ЛАБОВИЌ: Што се однесува конкретно до Вашето прашање зошто интелектуалците ги нема, сметам дека станува појасно кога објаснив накратко што подразбирам под поимот интелектуалец. Е сега, има неколку типови интелектуалци односно квази-интелектуалци, кои навидум е тешко да се препознаат. Имено, квази-интелектуалецот ќе го познаете најмногу по тоа што тој избегнува дебати. Не само јавни дебати. Тој нема природен афинитет кон дебатирање,  во споредба со некој вистински интелектуалец, кого во крвта му е дебатирањето и по цена да испушти некоја важна приватна работа , тој остава се` и е спремен да го брани својот став, се дури не биде убеден дека другиот соговорник има поиздржани, валидни аргументи. Особено тука мислам на дебата која се одвива меѓу компетентни, рамноправни, непристрасни и рационални соговорници. Вистинскиот интелектуалец не е тврдоглав.Тврдоглавоста е  облик на глупоста и таа  е многу различна од упорноста. Вистинскиот интелектуалец умее да ги слуша другите и нема предрасуди кон ниеден став колку и да е тој различен од неговиот. Иако се смета дека кај интелектуалците егоцентризмот и суетата се нај присутни, сметам дека е тоа голема зблуда. Да , тие се присутни, но, кај вистинските интелектуалци, овие појави се сведени на најмала можна мера. Затоа, тие знаат да признаат дека погрешно мислеле или не знаеле некој факт или информација  во дадениот момент за некое прашање, што не го намалува нивниот интелект, туку, напротив, тоа е најголем показател за силата на нивната интелектуална и морална моќ. Оттука е и значењето на посочената комбинација во максимата на Ајнштајн. Таа максима се надополнува со карактерните црти на несебичност и вистинољубивост на вистинскиот интелектуалец што го приметил и Шопенхауер, кој изјавил: само човек со сопствена вредност може да ја процени и признае туѓата вредност. Не може тоа да го направи  високообразовано интелектуалче, макар и во најпрестижните свестски универзитети, ако, во стилот на најголемите незналици се крие зад демократското право на различно мислење, во смисла дека секој имал право да мисли различно, без да умее и знае со валидни аргументи во контекст на рационалистичката епистемологија да го образложи својот став и со силата на неговите аргументи да го натера, другиот суетен соговорник,  макар  дебело да се замисли за тоа што му го зборува. Ако веќе заради суетата другиот не сака да ја признае вистината. Наспроти тоа, квази-интелектуалците бегаат на најразлични начини слепо повикувајќи се на паравото на различно мислење, кое никој не им го оспорува, само што тоа не значи дека не треба аргументирано да го одбранат тоа што го тврдат или да бидат доволно морални да ја признаат валидноста на туѓиот став. Исто така тие се кријат зад нивната голема заблуда дека нема апсолутна вистина и дека наводно тешки лаици биле тие што сметале дека може објективно да се дикутира и заклучува во општетсвените науки.

ПРЕС24:  Што мислите Вие, има ли апсолутна вистина и може ли да се  дојде до објективност во општествените науки?

ЛАБОВИЌ:  Науката барем онаа неутралната, вистинската, мора да ја каже вистината за онаа објективно спознатливата емпириска реалност која е достапна за нашите интелектуално и физички ограничени човекови сетила. Онтолошката димензија на спознанието за овоземските прашања во кои доминира вредносната димензија ( уште повеќе тоа се однесува за универзумот), имаат релативна сознајна вредност. Оттука е длабоката заснованост на агностицизмот кој го отвара прашањето за неспознатливоста на бесконечната причинско-последична низа за најсложените овоземски прашања, а да не зборуваме за прашањата поврзани со универзумот итн. Меѓутоа, рационалистичката епистемологија, се`уште претставува доминантна епистемолошка струја во конвенционалната општествена наука во светот наспроти тенденциите на свесно или несвесно ориентираните поддржувачи на другите нерационалистички епистемологии, како што се постмодернизмот, екоцентризмот, релативистичките и ултра-скептичните филозофски концепции, разните духовни учења, теолошките концепции и сл. Овие нерационалистички епистемологии  имаат длабока основа на своето егзистирање, но не се практично применливи за прашања од приземната човекова вистина, па дури и за најсложените општествени прашања, кога опонентните страни имаат иста цел и немаат големи вредносни разидувања, Инаку, рационалистичкта епистемологија, покрај основните принципи на објективност, проверливост и споредливост, се темели на силата на аргументите односно на логичките принципи на антитетички поставените и различно концептуализирани аргументи.. Инаку, според мое мислење, кое што е различно и од тврдите неутралци, кои сметаат дека рационалната конфронтација на аргументи е применлива буквално за сите прашања и од критичарите на неутралноста дека таа не е применлива речиси воопшто, сметам дека таа нема ефект само кога се работи за прашања, кои се оптеретени со изразито вредносна компонента и големи морални несогласувања. Според тоа, апсолутна вистина не може да има за овоземските прашања кои се со изразита вредносна компонента, како и за прашањата поврзани со универзумот. Но, од аспект на нашата приземна човекова вистина достапна на нашите ограничени човекови сетила и умствени способности, апсолутна вистина има. Имено, ако конзистентно се примени максимата-ништо не е апсолутно, што значи од се` има исклучок,тогаш има исклучок и од оваа максима. Тоа значи дека по исклучок нешто е и апсолутно, како на пример, фактот дека ние се гледаме сега, законот за земјината тежа, фактот дека се `уште не е постигнат договор меѓу власта и опозицијата итн. Тоа се ноторни емпириски факти, кои што се толку очигледни што нивното постоење не треба дасе посебно докажува (аксиоми), кои за волја на вистината се покарактеристични за природните науки. Заради предметот на своето истражување, општеството и човекот, општествените науки се соочуваат со вредносното димензионирање на фактите, така што општествените науки не можат целосно да бидат дезидеологизирани. Но, тие можат за прашања, каде што на пример, различните партии, особено, кај нас партиите без јасно диференцирана идеологија, да имаат речиси идентични цели (НАТО, ЕУ, повисок економски раст и развој, владеење на парвото, заштита на човековите права и слободи итн), така што нивните најголемите разлики се во различните пристапи за изнаоѓање на најоптималните решенија за постигнување на заедничките целни приоритети. Во таа смисла, за прашања, каде што има иста цел-тоа е критериумот да знаеме дека се тоа прашања за кои нема разлики од  политичко-идеолошки, вредносни и морални основи, може во контекст на рационалистичклата епиостемологија, која е пак, основа на најпожелната парадигма на демократија, според мене – делиберативната демократија, да се види јасно дури и за апстрактни прашања, кој од спротивставените страни е поблиску до човековата приземна вистина поврзана со непобитни емпириски факти, кој од нив нуди подобри решенија за најгорливите општествени проблеми, од аспект на општиот општествен интерес и слично.

Од тие причини. треба да биде разбиена квази-демократска и ултрарелативистичка догма на која што се повикуваат многу незналици кога ќе бидат со силата на аргументите “притеснети во ќош“ -дека секој имал право на различно мислење, што е, инаку, неспорно. Но, не можете да се криете зад ова свое демократско право без притоа да го одбраните или тоа да биде отфрлено како помалку валидно според принципите на рационалистичката епистемологија.

ПРЕС24:  Што е со другите интелектуалци?

ЛАБОВИЌ: Приметувате дека според моето сфаќање има многу малку вистински интелектуалци кои не бегаат ниту од јавни ниту од било какви дебати. Меѓутоа, има и една друга категорија на интелектуални медиокритети кои многу сакаат да “дебатираат“, пардон , да глумат дека дебатираат. Всушност, тие не се спрмени да слушаат туѓи аргументи, посебно, ако тие не им одат  во прилог. Ова се еден посебен тип на луѓе со специфичен карактер. Тие не се плашат од јавна сцена, дури се чувствуваат и супериорни. Имаат широко знаење на информации, факти и разни други податоци кои ги прават силно наоружани . Згора на тоа поседуваат високи ораторски способности.  Заради сето тоа најчесто создаваат впечаток на неприкосновени интелектуални авторитети медиумски атрактивни личности. Тие се т.н.“пљукачи“, галамџии, кои се обидуваат да фатат на галама  или  тогаш кога немаат аргументи, одат со дискредитирање на противникот, негово омаловажување или создавање атмосфера за неподобност на противникот да дискутира со нив на репективните теми. Всушност, тие се 30—тина дежурни експерти и аналитичари,  т.н. “паблик опинион мејкери“ кои најчесто се вртат по телевизиите и другите медиуми, продавајќи  “ветар во магла“ за некои други агенди, но водени пред се` од  сопствените егоистични лукративнни интереси.

 Има и четврта категорија на интелектуалци, кои се плашат за егзистенцијата и претпочитаат да не излегуваат на јавна сцена. Не можам и немам право да им замерам затоа што тие имаат причина за тоа.

За мене лично можам да кажам дека не само што не бегам, туку сметам дека немам доволно простор во поделениот медиумски бизнис,  од окупацијата на провладините и проопозициските експерти. Партиски неутралните, но не и политички неутралните интелектуалци, кои можат да се избројат на прсти од една рака,  се токму тие  на кои мудрата политика треба најмногу да се потпира (ако е мудра) и да ги негува многу повеѓе отколку закопаните во партиските ровови, проваладини или проопозициски експерти, кои се, всушност, само нивните мегафони и од кои ништо ново не може да се чуе. Тоа е така затоа што само објективно-неутралниот научен став на партиски неутралните експерти  може да отвори нови димензии на прашањата и да предложи решенија, кои се ослободени од дневно-политикантски интерес на партиските агенди. Притоа, многу е битно да се напомне дека до онаа приземната вистина достапна на нас луѓето, објективно не може да се дојде без вистинска полемика. Таа вистинска полемика не може да се случи ако “дебатираат“, проопозициски и провладини “експерти“ ( читај: партиски војници) меѓусебе, бидејќи тие се “закопани во своите ровови“ и не можат (не сакаат) да ја согледаат објективно позицијата на другиот. Само компетентни партиско неутрални интелектуалци ( но, не и политички неутрални, бидејќи тоа е невозможно) соочени со различните партиски експерти можат преку развивање рационална конфронтација на аргументи за спорните прашања, во фазата на дебати и анализи за најсложените општествени проблеми, да ги демистифицираат партиските ставови зад кои неретко се кријат лукративни лични и партиски интереси, а општествените интереси се само демагошки параван. Уште повеќе од тоа, само преку рационалната конфронтација на аргументи може да се дојде до најоптиманите решенија за најгорливите проблеми.

ПРЕС24: Оваа криза почна со политичка блокада на Собранието се развиваше преку тајните безбедносни служби, а ќе резултира веројатно со странско посредништво. Ако се анализира текот, дали Македонија има проблем со политилките елити или со својот политилки систем?

ЛАБОВИЌ:  Тука јасно и кратко ќе одговорам и со едното и со другото, затоа  потербен тој квалтативен скок напред  за кој претходно зборував.

ПРЕС24: Професоре по втро пат во центарот на кавка криза е тајната полиција. Недозволиво е два пати по ред предку проект на прислушување да се создават кризи. 2001 тоа резултираше со конфликт, сега веројатно со тектонски помеситувања пред се во економијата, којаза воља на вистината, изминативењ девет години солидно функционира?

ЛАБОВИЌ:  Сето тоа мора да добие соодветна правна разрешница, но во еден квалитативно нов систем кој гарантира непристрасност, фер и коректни судски процеси.

ПРЕС24: Како да се реформират тајните служби, кои по се изгледа се едни од ретките заробени во претходниот систем?

ЛАБОВИЌ:  Генерално постојат два концепти: концепт на безбедносна заедница и концепт на единствена, јака и ценратлизирана независна институција. Овие концепти имаат свои предност и слабости. Просторот не ми дозволува тука да ги елаборирам и врз база на тоа дададам конечен свој став. Инаку, кај нас од поодамна е присутна идејата за обединување на УБК со АР, а военото разузнавање даостане во МО. Меѓутоа, за најоптимален избор помеѓу овие или некоја трета варијанта, освен  потребата од подлабока факторска анализа, бидејќи не смееме механички да ги копираме странските решенија кои во домицилните земји даваат одлични резултати, потребно е реформата на безбедносниот сектор да не биде изолирано раагледувана и спроведувана од генералниот концепциски пристап за реформите во целина на општеството, а посебно политичкиот и правниот систем, чиј што потсистем е и безбедносниот систем.

ПРЕС24: Професоре неколку прашања за една друга тема која има светски рамки. Тоа е ИСИЛ. Последните напдаи покажаа дека Исламската држава една година од создавањето на првиот калифат, не само што не е поразена, туку е веројано најсериозниот предизвик за светскиот мир последните 70 години?

ЛАБОВИЌ:  Сите веќе знаеме и чувствуваме дека ова е најголемата безбедносна закана после Втората светска војна. Но, сметам дека ИСИЛ се уште преставува голема непознаница. Тезите  дека исламскиот радикализам е инструментализиран со помош на разузнавачките служби во функција на геостратешки интереси на САД и Израел, за контрола на регионот и разединување на муслиманите во Арапскиот свет, се само некои од можните тези кои што се движат во зоната на  слободните логицирања. За да имаме јасен научен став потребно е над претпоставките да преовладат проверливи емпириски факти,кои што вооваа сфера се речиси недостапни, барем засега.

ПРЕС24: Балканот според сите проценки е најверојатно првота и насериозната кризна точка во Европа. Неодамна се појави едно видо во кое лица од овој регион повикуваат на крв, атентати, убиства. Колкава е опасноста од една страна, а од друга колкав е капацитетот на државните соодветно да одговорат на таков предизвик.

ЛАБОВИЌ: Најголемиот безбедносен ризик и закана од аспект на тероризмот е што многу млади луќе од регионот заминаа на боиштат во сирија и Ирак. Безбедносните служби максимално треба да ги фокусирааат приоритетите на својата работа кон овие закани, за да спречат навремено несакни дејствија.

ПРЕС24: Восновата на дејствувањето на ИСИЛ е злуоптребата на религијата. Во Македонија ретко кој сака да зборува за радикален ислам. И верските заедници имаат своевидна пасивна улога во ова. Кој е ваштиот став за тоа колкава е улогата на радикалниот ислам во секојдневното практикување на враата кај муслиманските верници во Македонија?

ЛАБОВИЌ: Немам ппрецизни информации за ова прашање.

ПРЕС24:  Како младите да се одвратат од намерата да заминуваат на фронтовите во Сирија и Ирак?

 

ЛАБОВИЌ: Со постојано и посветено внимание од сите чинители ви општетсвото. Особено треба да се обрне внимание на младите од социјално-економски маргинализираните средини и дисфункционалните и дезинтегрирани семејства. Знаете, кога сте дошле до дното и немате веќе што да изгубите, не Ви преостанува многу што друго освен примамливите понуди за вечност во џенемот или ако останете жив за херој на “своето јато“.

 

 

Оцени ја веста

02.07.2015 - 13:29

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега