Ла Ру: Македонија има добра правна рамка и солидни решенија за слободата на изразувањето и мислењето

 

Република Македонија има добра правна рамка и солидни решенија кога станува збор за слободата на мислењето и изразувањето, особено кога се во прашање малцинските заедници, но има расчекор во нивното практикување, изјави на денешната прес-конференција во Скопје специјалниот известувач за слобода на мислење и изразување на ОН Франк Ла Ру со која го завршува повеќедневниот престој во земјата.

Специјалниот известувач констатира дека земјата, општо земено, нема проблем со законите туку со нивното спроведување.Тој при тоа посочи неколку примери, како прекумерна употреба на сила во затворањето на А1 ТВ и трите весници, тужбата против новинарите на „Фокус“ и неспроведување истрага за загинувањето на неговиот сопственик Никола Младенов, притворот на новинарот Томислав Кежаровски и неможноста да се види со него, поради како што рече, погрешното толкување на законот.

- Затоа што овој закон за медиуми е од пресудна важност за заштитата на новинарите во иднина и се надевам дека овие почетни наоди ќе помогнат да се генерира заштита на новинарите. Предлагам до секоја земја во светот да има важен механизам. Исто така, ги повикувам новинарите и новинарските здруженија да се обидат да ги обединат своите напори колку што е можно повеќе. Мислам дека е важно да имате претставнички организации, важно е да имате високи етички стандарди. Иако визиите и идеологиите и перспективите може да се разликуваат, професијата генерира ризик за сите што треба да предизвика ваква солидарност меѓу новинарите, рече Ла Ру.

Посетата на Ла Ру беше на покана од Владата на Република Македонија.

ФОТО: Дневник

најчитано сега