Македонското вино меѓу најдобрите, потребна поагресивна промоција

Македонските вина се меѓу најдобрите во светот, но  мора да работиме на нивна многу поагресивна промоција, на силна маркетиншка стратегија и на креирање бренд, рече денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Михаил Цветков по симболичното закројување на лозовите насади на винарската визба „Тиквеш“ по повод празникот Свети Трифун, пренесува МИА.

 

Цветков нагласи дека годинава за претставување на македонското вино надвор се планирани 500 илјади евра. Таргет ќе бидат пазарите во ЕУ, Русија, Кина и САД. 

 

- Минатата година, првпат од потпишувањето на протоколот за вино со ЕУ, Македонија целосно ја искористи квотата од 91.000 хектолитри за безцарински извоз на флаширано вино. Тоа значи дека европските потрошувачи веќе го препознаваат нашиот квалитет и се повеќе го бараат, истакна министерот. 

Според него, до крајот на март годинава се очекува да биде исполнета и квотата од 39 милиони литри за наливно вино.

Министерот Цветков и претставниците на Тиквеш посакуваат, како што рекоа, добра лозарска година, да не се повторат ланските непогоди кои го преполовија родот.

- Минатата година откупивме 20 илјади тони грозје што е вкупно 4,5 милиони евра. До крајот на јануари годинава исплативме 54 проценти. Ги запазуваме  динамиката и распоредот на договореното со кооперантите, потенцира генералниот директор на „Тиквеш“, Игор Илиевски.

Согласно Законот за вино, целосната исплата на ланското грозје треба да биде до април. Во спротивно, визбите кои ќе им останат должни на лозарите нема да бидат заведени во регистарот на откупувачи.

 

Најголемата винарска визба во Македонија годинава одбележува 130 години постоење. Приоритет останува, подвлече Илиевски, производството на квалитетно грозје и вино, како и промоција на македонската винска индустрија во светски рамки.

 

 

Оцени ја веста

14.02.2015 - 14:24

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега