Иванов на средба со германските пратеници - Македонија добива силна поддршка

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, денеска прими делегација на парламентарната група за соработка меѓу Сојузна Република Германија и Југоисточна Европа, при Бундестагот.

На средбата со германските пратеници беше разговарано за билатералните односи меѓу двете земји, за европските и евроатлантските интеграции на Република Македонија, како и за актуелните случувања во земјава.

Претседателот Иванов изрази задоволство од принципиелната и континуирана поддршка од страна на Сојузна Република Германија за македонските стратешки цели, оценувајќи ги позитивно досегашните севкупни билатерални односи. Во тој контекст македонскиот претседател ја поздрави парламентарната соработката меѓу Собранието на Република Македонија и Бундестагот, и изрази подготвеност за натамошно унапредување на соработката меѓу двете земји во сите сфери од заеднички интерес, како и за одржување на континуитет во политичкиот дијалог на сите нивоа.

Во однос на евроатлантски интеграции, македонскиот претседател истакна дека нашата држава останува целосно посветена на спроведување на реформите за членство во ЕУ и во НАТО, дополнувајќи дека поддршката од С.Р. Германија е од исклучително значење.

„Политичките субјекти во земјата да се однесуваат разумно и одговорно, во согласност со интересите на граѓаните и државата", истакна претседателот Иванов во однос на последните случувања во Република Македонија, и дополни дека во голема мера внатрешните состојби се резултат на предолгата непринципиелна и спротивна на меѓународното право, блокада, во однос македонските ЕУ и НАТО интеграции.

„Република Македонија и земјите од Југоисточна Европа ја имаат поддршката од Бундестагот за евроатланските интеграции. Ние сме ви пријатели и сакаме да ве поддржуваме и придружуваме на вашиот пат кон членството во ЕУ и НАТО", истакна Петер Вајс, претседателот на парламентарната група за соработка со Југоисточна Европа при Бундестагот.

 

 

Оцени ја веста

13.02.2015 - 12:23

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега