Арсовска Томовска работно во Њујорк

Владата на Република Македонија континуирано усвојува програми кои содржат активности за благосостојбата на жените. Промовирањето на здравјето на жените, како и подигнување на квалитетот и достапноста на здравствените услуги се значаен дел од Стратегијата за родовата еднаквост, рече заменик министерот за информатичко општество и администрација Марта Арсовска Томовска во обраќањето на првиот Светски инаугуративен форум за развој и здравје на жените во Њујорк.

Поддршката на образованието на жените и девојките во ИКТ секторот, додаде, е, исто така, во согласност со еден од милениумските развојни цели.

- Посебно внимание посветуваме на промовирањето на родовата еднаквост и зајакнувањето на улогата на жените преку информатички и комуникациски технологии. Во 2012 година, Република Македонија се приклучи на иницијативата на Меѓународната унија за телекомуникации „На технологијата и се потребни девојките" и секој април го одбележува националниот Ден на девојките во ИКТ, истакна Арсовска Томовска.

Таа се обрати на воведната сесија на форумот, како еден од главните говорници меѓу кои беа и генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун, министерот за здравство на Руската Федерација Вероника Сквортсова, како и високи претставници од меѓународни организации.

На крајот од форумот беше усвоена декларација за заштита на здравјето на жената и одржлив развој, со која се дефинираат кампањи, стратегии и партнерства во оваа област.

Настанот се одржа во седиштето на ОН, а го организираа Меѓународната научна фондација при Кралската академија на Велика Британија и Одделот за економски и социјални работи на Обединетите Нации.

За време на престојот во Њујорк, Арсовска Томовска оствари и бројни билатерални средби со високи гости од повеќе земји, со кои размени искуства за актуелната тема. 

 

 

Оцени ја веста

13.02.2015 - 09:12
Фото: 
МИА

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега