Интензивирање на економската и парламентарна соработка меѓу Македонија и Србија

Добрососедските односи биле и остануваат еден од приоритетите на нашата надворешна политика. Вкупната билатерална соработка меѓу Македонија и Србија е многу добра и е во нагорна линија.

-Република Македонија и денес со сите свои соседи има високо развиени политички, економски и културни односи, но исто толку важни се и оние секојдневни човечки односи, истакнал претседателот на Собранието Трајко Вељаноски по денешната средба со претседателката на српскиот Парламент Маја Гојковиќ. 

Вељаноски и Гојковиќ потенцираа дека потребно е интензивирање на економските односи и на парламентарната соработка, размена на искуства и поддршка во евроинтегративниот процес.

На денешната средба, Вељаноски и Гојковиќ разговарале и за црковниот спор.

- Имајќи ја во предвид секуларноста на двете држави ние како политичари не сакаме да се мешаме директно, но сакаме да ги охрабриме и двете страни да продолжат со дијалогот и преку дијалог да се реши овој спор кој индиректно може да има одредено влијание врз целокупните односи, изјавил Вељаноски на заедничката прес-конференција.

Најважната порака од денешниот состанок до ЕУ, како што истакнала Гојковиќ,  е дека двете земји на просторот на Западен Балкан можат добро да соработуваат.

- Праќаме порака дека ние сме навистина еден простор кој може да биде и економски и политички стабилен и дека Европа може слободно да размислува за тоа во догледно време дека овој простор и недостасува на Европа за да биде комплетна, изјавила Гојковиќ.

Вељаноски смета дека економските односи имаат голем потенцијал за натамошен развој посебно на полето на проекти од инфраструктурата при што можат да се користат и средства од Европските фондови. Ја истакнал и можноста за заеднички настап на трети пазари на бизнис заедниците од двете држави. 

И двајцата биле согласни дека парламентарната соработка во иднина треба да се интензивира посебно преку соработка на соодветни парламентарни тела и комисии поврзани со процесот на интеграција во ЕУ. 

На средбата било истакнато дека парламентите даваат огромен придонес во развојот на целокупните односи помеѓу Реублика Македонија и Република Србија. 

Претседателката на српскиот Парламент Гојковиќ истакнала оти е очигледно дека помеѓу двете страни постои голема желба и простор за унапредување на односите.

- Во нашите разговори ги нагласивме нашите добри односи и дека нема отворени прашања помеѓу двете земји, изјавила таа.

Според неа, првите парламентаци имаат голема задача да ги поттикнат работните тела, одборите и комисиите во сегмените кои покриваат ЕУ, надворешна политика и пред се, економија, да соработуваат поблиску, да разменуваат теми и искуства за да полесно да се совлада тој пат кон ЕУ, што е приоритет на двете држави во овој момент. 

- Она што по овој состанок ќе го иницираме за нашите постојани делегации во парламентарните собранија на различните организации, како што се СЕ, ОБСЕ, НАТО... што почесто да имаат заеднички состаноци и по примерот на некои други региони да разменуваат свои ставови и мислења за на најдобар можен начин во интерес на сите граѓани во овој регион да ги претставуваат во овие организации, изјавила Гојковиќ.

Во разговорите посебно внимание било посветено на состојбите во регионот и неговата евроатланска перспектива. Вељаноски го поздравил обновувањето на дијалогот помеѓу Белград и Приштина што се води во Брисел и под покровителство на ЕУ и комесарот за надворешна политика, госпоѓата Могерини. - Дијалог кој секако влијае врз стабилноста на регионот, рече Вељаноски. 

Претседателката на српскиот Парламент Гојковиќ му се заблагодари на македонскиот народ, на сите фирми и на македонската Влада за големата поддршка за време на големите елементарни незгоди во Србија. И поплавите во Македонија, според неа, покажаа колкава е потребата за химанитарност во регионот. 

Смета дека оваа посета на Македонија е од големо значење дотолку повеќе што претседател на српско Собрание бил во посета на Македонија пред пет години.

За време на посетата Гојковиќ ќе има средба и со Емил Димитриев, претседател на пратеничката група на Собранието на Република Македонија за соработка со Парламентот на Република Србија и со членовите.

Претходно, се одржа церемонија на положување цвеќе на Споменикот на паднатите херои за Македонија. 

 

 

 

 

Оцени ја веста

12.02.2015 - 14:33

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега