Радост за дечињата: Стартува детскиот музички фестивал ТРА-ЛА-ЛА
Битола од денеска до 16 август ќе биде домаќин на 15. издание на Интернационалниот детски музички фестивал „ТРА-ЛА-ЛА” на кој ќе учестуваат 40 млади музички таленти од 16 држави во светот.
Покрај учесниците од Македонија, на фестивалот ќе настапат деца солисти и делегации од Португалија, Русија, Малта, Ерменија, Украина, Словенија, Романија, Полска, Босна и Херцеговина, Хрватска, Црна Гора, Бугарија, Србија, Албанија и од Косово.
Фестивалот ќе се одвива во три натпреварувачки дела во Народниот театар и Центарот за култура во Битола.
Влезот ќе биде бесплатен на првиот натпреварувачки ден во Народниот театар кога учесниците ќе настапуваат со композиции на мајчин јазик и утре, кога ќе изведуваат позната поп песна на јазик по избор.
Гала концерт со победничките композиции, како и со популарни гости и ѕвезди од македонската естрада и учество на културно - уметнички друштва ќе се одржи на 16 август во Големата сала при Центарот за култура во Битола, кога ќе бидат доделени и наградите на фестивалот.
„ТРА-ЛА-ЛА” е дел од Битолско културно лето Битфест, а се реализира со поддршка на општина Битола и градоначалникот на општината Владимир Талески.
За време на фестивалските денови, покрај музичкиот дел, предвидено е децата од странство да се запознаат со убавините и културата на Македонија, заради што за сите деца учесници ќе бидат организирани посети на Охрид и Свети Наум, Пелистер, античкиот локалитет Хераклеја и други места значајни за македонската култура и историја.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа