Трипуновски: Падот на млекопроизводството е резултат на погрешни политики, работиме на негово враќање

 


Имаме сериозен пад на млекопроизводството и тоа е резултат на погрешни политики, смета министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски. Тој рече дека тоа било во минатото, а изминатите шест – седум месеци како власт, нагласи, работат интензивно за да се врати сточарството, како и млекопроизводството, меѓу другото.

Тој одговарајќи на пратеничко прашање, демантираше дека субвенциите биле намалени. Напротив, рече министерот, зголемени се.

– Дополнително, оваа година за првпат ја воведуваме мерката за оставено женско теле, односно за зголемување на основното стадо на секој еден фармер. Сумата што ќе ја добие секој еден фармер за оставено женско теле, е, 3.000 денари дополнителна субвенција, додаде, меѓу другото, Трипуновски во Собранието.

Тој рече дека со самото доаѓање на ВМРО-ДПМНЕ на власт, се повела сериозна акција во делот на злоупотребата со земјоделското земјиште.

– Во наредните месеци ќе има и наменски огласи за сточарите, каде ќе имаат предност при добивањето на земјоделското земјиште. Знаеме дека на сточарите им треба земјиште за производство на храна, да ги намалат загубите во делот на производството, од друга страна да имаат сигурен прилив на храна што им е потребна, истакна министерот.

Тој за утре најави посета во пелагонискиот регион, каде ќе имал средба и со сточари.

– Само да најавам дека ЗК Пелагонија е во фаза на склучување на анекс на договор каде се ослободуваат 1.600 хектари државно земјоделско земјиште, што ќе го ставиме на располагање на сточарите од Пелагонија. И тоа се во повеќе катастарски општини, едноставно во сите општини што гравитираат кон Битола, Мобила, Новаци и останатите населени места, ќе можат да дојдат до земјоделско земјиште. Зборувам за квалитетно земјоделско земјиште. Така да, не се сложувам со вашата констатација дека ние како Влада, не работиме во делот на сточарството, не се грижиме за сточарите или водиме лоша земјишна политика, нагласи Трипуновски.

Министерот рече дека нема информација оти некој градоначалник сака да дислоцира некоја фарма во државава. Напротив, во координација со сите градоначалници, како што посочи министерот, се работи на урбанизација на селата, на легализација на вакви објекти, за да можат сите фарми да бидат корисници на европските фондови.

 

– Во делот на развивање на сточарството, легализација на фарми и така натаму, верувајте дека само времето ќе покаже колку сме поуспешни од сите претходни, дециден беше Трипуновски.

12.02.2025 - 15:13

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега