Груевски: Сонот за кој тие се бореле е слободата која ја живееме денес

Татнежот на двата Илиндена се слуша и денес, нивната порака е цврсто втемелена во она што сме и во она што го работиме. Затоа честа е голема, заеднички да го одбележиме 2 Август, денот кој е симбол на македонската борба за слобода, на борбата за права и правдини, борбата за самостојност, државност, еднаквост и мирен живот на сите кои Македонија ја нарекуваат и длабоко ја чувствуваат за свој дом.

Ова го порача премиерот Никола Груевски на прославата на 70 години од Првото заседание на АСНОМ и 111 години од Илинденското востание во Пелинце. 

 

- Ова е еден од најубавите и најголемите македонски и државни празници!  Денес одбележуваме 70 години од Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија АСНОМ и 111 години од Илинденското востание. Денес на многумина им навираат спомени, им навираат солзи, се мешаат чувства на гордост, патриотизам и љубов кон татковината. Овие два Илиндена сведочат за развој на една идеја која во себе ги крие најдлабоките чуства на луѓето кои тука живееле и се бореле за нејзе. Од сон до сонце! Сонот за којшто тие се бореле е слободата која ја живееме денес, истакна Груевски 

 

Тоа, нагласи, биле цели генерации на луѓе,...цели генерации наши предци од сите етнички заедници, култури и религии кои имале заеднички сон и заедничка визија.

 

- Затоа денес слободно можеме да кажеме дека она што го изградиле нашите предци во минатото е нашиот најцврст темел врз кој што ја градиме нашата иднина! Затоа сме тука ние, следните генерации, за да остане траг, да се потсетиме, да заблагодариме, да ги пренесеме овие вредности и историски пораки до нашите поколенија, да вреднуваме, да прославиме, рече Груевски.

 

Тука сме, додаде тој, да се говори за нашите победи како нација и како граѓани, да се знае дека сме биле на правата страна на историјата, и дека нашите победи сами сме ги извојувале, и затоа се поголеми и позаслужни.

 

- Ние бевме дел од антифашистичката светска коалиција. Ние правата, цивилизациските права, самостојно ги извојувавме, и затоа никој не може да ни ги присвои, одземе или укине! Темел на тоа се 26.000 животи кои ги положивме во светлото на слободата! Ние имаме обврска тие права да ги браниме, порача премиерот Груевски. 

 

Нагласи дека достоинствено и храбро еден до друг, зад нивната идеја и нивниот сон стоеја Методија Шаторов Шарло, Кузман Јосифовски Питу, Методија Андонов - Ченто, Панко Брашнаров, Петре Пирузе - Мајски, Страшо Пинџур, Емануел Чучков, Кирил Петрушев, Лазар Соколов, Михаило Апостолски, Киро Глигоров, Кемал Аголи, Венко Марковски, Кочо Рацин и уште многу други знајни и нејзнајни револуционери, партизани и носители на народноослободителната борба.

 

- На овој историски ден сакам да изразам почит кон сите генерации, кои во различните периоди во нашата историја, низ различни предизвици, делејќи судбини и давајќи големи жртви, се изборија за суверена, самостојна и независна Македонија. Нивниот сон е наша реалност! Нивната жртва е наша обврска! Чест и слава за нашите херои! Чест и слава за нивната жртва, порача премиерот Груевски. 

 

- Не постои лесен пат до слободата, до сонот, и многумина ќе поминат низ солзи и крв, повторно и повторно се додека не се стигне до заветот голем колку и жртвата, тоа е слободата. Така веруваа нашите херои. Ние мора да учиме од нашето минато, и мора да опстоиме и продолжиме со наша жртва за историјата, и за иднината. Ние не смееме да отстапуваме од патот кои тие го трасираа. Колку и да е тешко, колку и да се појавуваат препреки, ние мора да ги совладуваме и мора да бидеме цврсти и посветени на она што е наша визија и наш сон, нагласи премиерот.

 

Секој 2 Август, рече тој, Македонија се сеќава на тежината со која е стекната нашата слобода, нашата самостојност, нашата државност.

 

- Можноста да бидеме овде, да бидеме слободни, да ви се обратам на македонски јазик, се должи на минатото, на големиот број дадени животи, на мноштвото изгубени генерации. Она што денес е наше секојдневие, за нив било само копнеж и недостижен сон. Токму затоа, со почит ги спомнуваме нивните имиња денес и ветуваме дека нема никогаш да паднат во заборав, рече Груевски.

 

Тие, нагласи, своето утре несебично го дале за да ние имаме наше денес, а ние нашето денес да го вложиме за подобро утре на генерациите кои доаѓаат и кои ќе не наследат.

 

- Се што правиме ние, или ќе прави некој утре, треба да биде сигурен дека е пред се за доброто на Македонија. Зашто ова што го имаме денес не е само наше, ниту пак е само за сега. Го имаме благодарение на минатото и поради тоа треба да го чуваме како нешто безвременско, нешто што припаѓа колку на нашата, толку и на минатите и идните генерации Македонци, рече Груевски.

 

Она што е до нас, посочи, е да оставиме нешто вредно, нешто позитивно, нешто по што ќе не паметат долго, или барем да се потрудиме во оваа насока.

- Само она што е искрено и од срце сработено за Македонија ќе остане да сведочи за љубовта која една генерација ја чувствувала кон својата татковина, токму онака како што ние денес ги чувствуваме генерациите на кои е посветен овој празник. Од сон до сонце! Она што го изградиле нашите предци во минатото е нашиот најцврст темел врз кој што ја градиме нашата иднина! Сонот за кој што тие се бореле е слободата коа ја живееме денес! Да продолжиме да се движиме напред кон сигурна иднина, затоа што секоја наша победа денес е нов Илинден за идните поколенија, порача премиерот Никола Груевски. 

02.08.2014 - 12:53
Фото: 
курир
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа