Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски предупредува граѓаните да бидат внимателни при купување станови. Тој советува да се купуваат станови кои се веќе изградени, со важечки имотен лист и употребна дозвола, за да се избегне ситуација во која граѓаните би останале без стан и без вложени средства доколку инвеститорите не можат да го завршат започнатиот објект.

„Сакам да дадам едно предвидување, мислам дека не е добро, но ред е да го кажам за да внимаваат оние што инвестираат, односно купуваат. Би ги советувал да купуваат готови, односно изградени станови кои можат да ги видат, со важечки имотен лист, во згради кои имаат употребна дозвола затоа што има шпекулација на пазарот и ми е страв дека таа шпекулација може во еден момент да пукне, односно да ни се случи да има инвеститори кои не можат да ги износат проектите кои ги почнале. Мислам дека е фер ова да го кажам“, вели Николоски.

Министерот истакнува дека државата не може директно да влијае на овој процес, бидејќи локацијата за градба ја одредува инвеститорот, има соодветен ДУП, платил комуналии и гради со важечка дозвола.

„Но, доколку нема средства да го заврши објектот, може да настане проблем доколку граѓаните купуваат станови кои не се изградени, кои физички не можат да ги видат“, додава Николоски.

Тој забележува дека цените на метар квадратен станбен простор се зголемуваат во неколку урбани центри и тоа се користи шпекулативно, бидејќи пазарот го дозволува тоа.

Тој додаде дека не може да се очекува дека било која мерка ќе донесе пониски цени на квадрат станбен простор.

„Она што може да се преземе е да се ослободат младите од комуналии за изградба на куќи, да им се даде поевтино земјиште, нешто што веќе го прават повеќе општини, како и да се градат социјални станови за најранливите категории“, нагласува Николоски.

Дополнително, министерот потенцира дека данокот на прв промет на стан останува 5%, што колку-толку ја релаксира цената.

„Свесно се откажуваме од дополнителен приход за колку-толку да влијаеме на намалувањето на порастот на цените“, заклучи Николоски.

Exit mobile version