Традиционалната празнична прослава на Коледе во Лерин (Флорина) беше засенета од политичка интервенција, откако градоначалникот Василеос Гианакис издаде забрана за пеење на македонски јазик за време на настанот.
Инцидентот се случил за време на настапот на музичкиот бенд „Ендопика“, кој планирал да ја изведе македонската народна песна „Софка на татко“. Според наводите, музичарите добиле јасно упатство од градските власти дека:
– Забрането е пеење на македонски јазик.
– Песната смее да се изведе исклучиво инструментално.
Оваа одлука, според реакциите, го претвори културниот настан во пример на цензура и притисок врз македонското малцинство.
За активистот за правата на Македонците во Грција, Павле Васкопулос, ваквиот потег не претставува изненадување. Тој нагласува дека притисоците и дискриминацијата се континуирана појава за Македонците во Леринско, Костурско и Воденско.
„Граѓаните кои јавно зборуваат за своите права и јазик често се етикетирани како ’скопски агенти’ и се соочуваат со стигматизација“, предупредува Васкопулос.
Обидите на медиумите, меѓу кои и ТВ 24, да добијат официјален став од Општина Лерин во врска со одлуката на градоначалникот, засега остануваат без одговор. Локалните власти не појаснуваат зошто изведбата на една народна песна предизвикала ваква реакција во 21 век.

