Најсложената ортопедска трансплантација извршена на Клиниката за ортопедија
На Универзитетската клиника за ортопедија успешно е изведена најсложената трансплантација досега, со што се поместени границите на современата ортопедска хирургија кај нас.
Пациент, маж на 64-годишна возраст, со втор рецидив на миксоиден липосарком на левата натколеница, беше подложен на ресекција на средишниот дел од бутната коска, реконструкција со графт од кадавер и фиксација со клин.
Операцијата беше во два акта – во вториот имаше пластична реконструкција која ја изведе тим предводен од д-р Томислав Јовановски. Првиот хируршки тим го предводеше проф. д-р Милан Самарџиски, со учество на спец. д-р Бојан Будиќ, д-р Теодора Тодорова и д-р Гоце Гулески. За анестезија беше одговорна проф. д-р Јасминка Нанчева, со анестетичар с. Јована Илиева. Во операционата сала активно придонесоа инструментарките Ерзен Муртезани и Татјана Дукадиновска, болничарот Дардан Синани и рентген техничарот Силвана Станковска.
Со овој зафат се поставува нова референтна точка во домашната ортопедија и се потврдува капацитетот на македонските хируршки тимови за изведба на интервенции од највисок степен на сложеност.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа