СВР Штип до ОЈО Штип поднесе кривична пријава против Р.Т.(44) вработен како раководител на информатички сектор при Универзитетот Гоце Делчев во Штип и за М.М.Н.(44) вработена како советник на студентска архива за сторени кривични дела „злоупотреба на службената положба и овластување“ и „компјутерска измама“.
Имено, на 03.11.2026 полициски службеници од Одделот за криминалистичка полиција и СВР Штип во координација со полициски службеници од Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика и СВР Скопје по судска наредба обезбедена од Основен суд Штип извршија претреси на повеќе локации во Штип и Скопје во врска со сторени кривични дела „злоупотреба на службената положба и овластување“ и „компјутерска измама“ од страна на Р.Т.(44) раководител на информатички сектор при Универзитетот Гоце Делчев во Штип, соопштија од МВР.
„Р.Т., за различна сума на пари, подолг временски период, на студенти од Турција им овозможувал пријавување на испити по истекот на предвидениот рок, полагање на испити по затварање на системот за пријавување испити, како и незаконски промени и бришење на оценки и кредити на студентите во е-индексите со цел истите неосновано да запишат нов семестар или година, а внесувал и податоци во системот дека наводно студентите да ја платиле потребната школарина. При претресот во неговиот дом пронајдени се и одземени, три лап топ компјутери, четири телефони, четири усб стикови и документација, како и парични средства во износ од 954.800,00 денари, 4.750 евра и 600 долари.
Лицето е лишено од слобода и во присуство на истиот е извршен и претрес во службените простории на Универзитетот Гоце Делчев во Штип кои истиот ги користел при што е одземен еден компјутер.
На Универзитетот Гоце Делчев во Штип исто така со судска наредба извршено е пребарување на системот на е-индекс и системот на податоци на Универзитетот Гоце Делчев во Штип при што се пронајдени и одземени електронски податоци за извршени промени во тој систем од страна на Р.Т., но при тоа пронајдени се записи и за извршени промени во тој систем и од страна на М.М.Н.(44) вработена како советник на студентска архива. Кај М.М.Н. е извршен претрес на дом по дополнително издадена судска наредба, по што истата е лишена од слобода“, стои во соопштението од МВР.

