Полицијата отвори истрага за вработен на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип поради сомневања за неовластени корекции на оценки и испитни бодови во компјутерскиот систем на високообразовната установа.
Коментирајќи го случајот, министерката за образование и наука Весна Јаневска истакна дека МВР и правосудните органи постапуваат по пријавата, апелирајќи до сите граѓани и студенти да пријавуваат какви било нелегални активности.
Секогаш ќе има поединци што ќе го злоупотребуваат системот, но битно е дека МВР и правдата функционираат. Човекот е откриен, се води истрага и понатаму ќе ги сноси сите консеквенции за нелегалните активности што ги направил – изјави Јаневска.
Таа додаде дека и покрај дигитализацијата, секогаш постои можност за човечки фактор и злоупотреба, но најважно е таквите дејства навремено да се откријат и санкционираат.
Системите на факултетите се електронски, меѓутоа секогаш има човек кој работи на тој систем. Секогаш може да се случи незаконско дејство, но важно е дека ние сме успеале тоа да го откриеме. Важно е да го спречиме и да им пратиме порака на другите, кои би помислиле дека може такво нешто да направат, да се откажат од тоа. Не е прв случај каде што имаме пријави. Секаде каде што сме имале пријави, ДПИ (Државниот просветен инспекторат) постапува и имаме и неколку случаи за кои се водат судски постапки, ќе видиме како ќе завршат. Овде ДПИ нема зошто да постапува, полицијата постапува – изјави Јаневска.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски потврди дека полициските екипи вчера презеле обемни акциски мерки по добиените индиции за манипулација со базата на податоци.
Лицето се сомничи дека спротивно на закон вршело одредени дејства за корекција на оценки на студенти на универзитетот, за што постојат соодветни докази коишто му даваат право на МВР, по наредба на Јавното обвинителство, да ги преземе чекорите што ги презеде. Најдовме и одредени докази во таа насока, така што се надевам дека во останатиот дел од процесот ќе се докаже теоријата на случај која ја изнесе Обвинителството во соработка Министерството за внатрешни работи – изјави Тошковски.
Операцијата била спроведена од страна на Одделот за криминалистичка полиција, СВР-Штип, СВР-Скопје и Секторот за компјутерски криминал при МВР, кои по наредба на ОЈО Штип извршиле претреси на повеќе локации. Истрагата е насочена кон Р.Т., раководител на информатичкиот сектор на универзитетот, кој се товари за „злоупотреба на службената положба и овластување“ и „оштетување и неовластено навлегување во компјутерски систем“.
Според првичните сознанија, и овој случај бил пријавен од страна на турски студенти. Во меѓувреме, Ректоратот на Универзитетот „Гоце Делчев“ соопшти дека има нулта толеранција за корупција и дека овозможува целосна соработка со МВР и Обвинителството за брзо расчистување на настанот.

