Во Софија денеска започна меѓународна конференција на министерско ниво посветена на развојот и стратешкото значење на Паневропскиот коридор 8, на која учествува министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски.
Конференцијата, чиј домаќин е бугарската министерка за надворешни работи Велислава Петрова Чамова, има за цел да поттикне политички и експертски дијалог и да овозможи поголема координација меѓу земјите и институциите вклучени во реализацијата на Коридорот 8.
Муцунски ќе се обрати на панелот „Геостратешки контекст на Коридорот 8“, посветен на стратешкото значење на коридорот во актуелните геополитички, безбедносни и економски услови.
На маргините на конференцијата, Муцунски ќе се сретне со еврокомесарката за проширување Мара Кос и со шефицата на бугарската дипломатија Петрова Чамова.
На средбата со бугарската министерка се очекува да се разговара и за европската интеграција на Северна Македонија. Од македонска страна се очекува да биде нагласена потребата од директен дијалог и одржливо решение што нема дополнително да го условува пристапниот процес.
Бугарската министерка пред почетокот на конференцијата изјави дека Коридорот 8 треба да се третира како единствен стратешки проект, а не како низа од одделни инфраструктурни сегменти. Таа посочи дека Бугарија има политичка волја да ја забрза реализацијата на проектот, кој, како што оцени, е значаен за поврзувањето со Западен Балкан и за европската транспортна мрежа.
Конференцијата во Софија е продолжение на досегашниот политички дијалог за Коридорот 8, по министерскиот состанок одржан во Тирана во февруари годинава.


