Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција поведе постапка против виш јавен обвинител од Вишото јавно обвинителство во Битола, под сомнение дека примал награда за противзаконито влијание.
Според Обвинителството, со примена на посебни истражни мерки биле обезбедени докази кои упатуваат на основано сомнение дека обвинителот ја користел својата службена положба и реалното влијание за да влијае врз одлуките на колеги обвинители и судии во најмалку четири различни предмети.
Тој, според истрагата, ургирал за пониски казни или за обезбедување поповолна положба на осомничени и обвинети лица во кривични постапки. Во текот на вчерашниот ден, по судска наредба, биле извршени претреси во домот на осомничениот, како и во просториите на Вишото јавно обвинителство во Битола, со цел обезбедување дополнителни докази.
Надлежниот обвинител до судија на претходна постапка доставил предлог за определување мерки на претпазливост. Се бара на осомничениот да му биде одземена патната исправа, како и да му биде забрането вршење определени работни активности, односно да биде отстранет од работното место додека трае постапката.
Истрагата продолжува, а Обвинителството засега официјално не го соопштува идентитетот на осомничениот.


