Во Хрватска можеби била дадена десеткратно поголема доза од БСЖ-вакцината кај две деца
Кај две од четирите деца во Хрватска кај кои по вакцинација со БСЖ била пријавена појава на остеомиелит, можно е да била аплицирана десеткратно поголема доза од пропишаната, соопшти бугарскиот производител „Бул Био“.
Според податоците во европската база за несакани реакции „EudraVigilance“, кај двете деца била наведена доза од 0,5 милилитри, што е значително повеќе од препорачаната количина. Производителот нагласува дека точноста на овие податоци допрва треба да биде утврдена во рамки на истрагата.
Станува збор за вакцинации извршени во 2024 година.
Во Хрватска досега се регистрирани четири случаи на остеомиелит, односно воспаление на коската, по примена на БСЖ-вакцината. Кај еден од случаите, според производителот, подоцна била исклучена поврзаноста со вакцината.
Во четвртиот случај детето било вакцинирано во ноември 2024 година, а остеомиелитот бил утврден околу година и половина подоцна. Во примерок од коскено ткиво било потврдено присуство на Mycobacterium bovis BCG.
„Бул Био“ нагласува дека пријавените случаи сами по себе не значат дека е утврден проблем со квалитетот на вакцината. Остеомиелитот е позната, но ретка несакана реакција, а може да биде поврзана и со дозата, начинот на апликација, имунолошката состојба на пациентот и искуството на медицинскиот персонал.
Од 2021 година во Хрватска биле испорачани околу 420.000 дози од вакцината, а според производителот сите серии имале соодветен европски сертификат.
Хрватска привремено ја прекина употребата на вакцината додека траат проверките. Како превентивна мерка, вакцинацијата со БСЖ привремено е запрена и во Македонија.


