Цената на дизелот би можела да остане висока и во текот на следната година, предупредува американската инвестициска банка Голдман Сакс, поради ограничените капацитети на рафинериите, намалените залихи и очекуваното закрепнување на побарувачката.
Според проценките на банката, разликата меѓу цената на рафинираните нафтени производи и суровата нафта кај дизелот и авионското гориво следната година би можела во просек да надмине 40 долари за барел, што е повеќе од двојно над вообичаеното ниво.
Во Голдман Сакс оценуваат дека високите цени ќе бидат потребни за да се ограничи побарувачката, бидејќи рафинериите тешко би можеле да произведат доволно количества доколку потрошувачката повторно почне посилно да расте.
Дополнителен притисок создава намалувањето на рафинериските капацитети. Надвор од Кина тие годинава се очекува да се намалат за околу 300.000 барели дневно, додека околу два милиони барели дневно капацитет на Блискиот Исток во моментов не се користат.
Проблем претставуваат и оштетените руски рафинерии, како и одложеното одржување на дел од американските постројки.
Ако побарувачката се опорави во 2027 година, глобалниот рафинериски систем би требало да работи со највисоко ниво на искористеност во последните две децении.
Банката проценува и дека до крајот на годинава глобалните залихи на нафтени деривати би можеле да паднат на најниското ниво во однос на дневната потрошувачка од најмалку 2015 година.


