Владата ја усвои реформата со која се решава статусот на професионалните војници откако ќе навршат 45 години старост, информираше министерот за одбрана Владо Мисајловски за време на собраниската седница за пратенички прашања. Појасни дека со новите законски можности, тие ќе можат да изберат дали ќе останат во Армијата, дали ќе преминат во друга државна институција или пак ќе заминат со отпремнина.
Мисајловски истакна дека неговата порака како министер е дека на секој еден припадник на Армијата местото му е таму до остварувањето на правото на пензија.
-На седница на Влада ја усвоивме оваа реформа, која многу години, децении, ја бараа професионалните војници. Оваа реформа предвидува нова можност, предвидува секој еден професионален војник кој ќе наврши 45 години да добие уште една можност што следува согласно закон. Зошто оваа рефеорма е посебна? Секој еден војник, кога ќе наврши 45 години, има можност да избере дали сака да земе отпремнина, која отприлика се движи од 30 до 40.000 евра, може да заминат во некоја институција во државата, но и да остане во Армијата – нагласи Мисајловски во одговор на пратеничко прашање.
Министерот рече дека е особено горд на фактот што голем дел од војниците кои претходно се изјасниле дека сакаат да заминат со отпремнина, го промениле мислењето и одлучиле да останат во Армијата.
Мојата порака кон секој еден во Армијата, особено кон професионалните војници е дека секој еден местото е во Армијата. Во минатото немаше доволно можност, не можеа сите да бидат во подрачните единици во Министерството. И натаму ќе можат да бидат во тие подрачни единици, но, со формацијата сега правиме доволно место за секој еден да може да биде вработен на различни позиции, во разните единици. Јас затоа велам оваа реформа е нова можност и секој еден што ќе сака ќе може да ја искористи, Министерството за одбрана ќе биде секогаш тука – рече Мисајловски одговарајќи на прашањето на пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Жан Дрвошанов.
Пратеникот Дрвошанов побара појаснување за конкретните мерки, роковите за спроведување и придобивките што ги носи оваа владина одлука за професионалните војници.

