Министерот Тимчо Муцунски оствари попладневна средба во Скопје со вицепремиерот и министер за европски и надворешни работи на Црна Гора, Филип Ивановиќ, во година кога двете земји одбележуваат две децении дипломатски односи.
На средбата беа потврдени високите пријателски врски, меѓусебната доверба и сојузништвото во рамките на НАТО, како и заедничката заложба за стабилен и европски интегриран Западен Балкан.
Попладнево во Скопје остварив средба со вицепремиерот на Црна Гора задолжен за европски и надворешни работи, Филип Ивановиќ, во година кога одбележуваме 20 години дипломатски односи меѓу двете земји. Го потврдивме високото ниво на пријателски односи, меѓусебната доверба и сојузништвото во НАТО, како и заедничката определба за стабилен и европски интегриран Западен Балкан – истакна Муцунски.
Соговорниците ставија посебен акцент на европската интеграција, реформските процеси и нагласија дека пристапувањето кон Европската Унија треба да се одвива врз основа на заслуги.
Дополнително, беше најавено и утрешното финализирање на договорот за воведување нова авионска линија меѓу двете држави, со што се отвораат нови можности за соработка во економијата, инфраструктурата, енергетиката и туризмот.

