Граѓаните и бизнис-секторот не треба да стравуваат за снабдувањето со нафтени деривати, бидејќи државата располага со доволни количини и во овој момент нема потреба од никакво ограничување на потрошувачката. Оваа порака ја испрати премиерот Христијан Мицкоски на денешната прес-конференција, на која информираше за владините мерки за намалување на акцизите и задржување на повластеното ДДВ од 10 отсто.
Мицкоски посочи дека ниските цени на горивата во земјава, кои се најевтини во регионот и во Европа, предизвикале вистински наплив од странски државјани, што довело до рекордна потрошувачка.
„Потрошувачката минатата недела достигна рекордни 2 милиона литри на ден. Жесток е притисокот на северната, западната и на јужната граница каде што потрошувачката на одредени бензински пумпи е и триплирана затоа што граѓани од други држави доаѓаат да ги полнат резервоарите. Но, во разговор со трговците и со снабдувачот добив уверување дека нема опасност да бидат загрозени домашните потрошувачи“, изјави Мицкоски.
Тој изрази надеж дека геополитичката ситуација ќе се стабилизира и дека режимот во Иран ќе престане да ја опструира трговијата во Персискиот Залив, што е клучно за глобалното снабдување.
На новинарско прашање околу очекувањата за следниот период, премиерот најави можен дополнителен притисок од Србија пред претстојните велигденски празници, кога таму завршува двонеделниот регулиран период за цените. Истовремено, тој потсети дека Македонија е значаен регионален снабдувач, посочувајќи го примерот со аеродромот во Приштина кој целосно се снабдува со керозин од нашата држава.
„Носиме мерки, ја следиме ситуацијата, предизвиците ги решаваме на дневна основа, а за големи предизвици ќе имаме одлуки, план и стратегија“, заклучи Мицкоски.


