Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски во интервјуто за Алсат М го коментираше барањето на опозицијата и конкретно на Венко Филипче за ветинг. Мицкоски посочи дека тој нема никаков проблем со тоа барање, дури ако сакаат нека се прошири на семејствата и ако треба и полиграф нека се воведе. Премиерот истакна дека претходно во време на власта на СДСМ и ДУИ тој и неговото смејство биле целосно проверени.
„Но тоа не е битно. Прво треба да дадеме одговор на едно прашање, зошто ако веруваа во ветинг, го сменија кривичниот законик со европско знаме и го избришаа членот 353? Зошто? Еве ако се толку големи европејци и чесни политичари зошто тоа го правеа? Јас само поставувам морална дилема. Вие ќе излезете во јавноста, „ветинг“, убав збор „ветинг“ и сега мислите ќе ги импресионирате граѓаните. Не. Вие треба да одговорите на едноставно прашање, зошто го изменивте кривичниот законик за да се политички амнестирате, ако верувавте во владеење на правото? И конечно треба да дадете одговор како се стекнува златна виза во Дубаи и дали влијаеше позитивно или негативно Д3 витаминот на јахтата во Паљури? Немам никаков проблем, но прво да дадеме одговор, како тинејџери стануваат сопственици на трговски центрите? Еве прво на тоа да дадеме одговор.“, потенцираше премиерот Мицкоски.


