Шеснаесетгодишно момче е тешко повредено откако случајно се застрелало во вратот со пиштол што му припаѓал на неговиот татко. Инцидентот се случил во саботата вечерта, во белградската населба Врачар, додека тинејџерот бил дома со своите другари.
Според информациите на српски „Блиц“, во станот во моментот на несреќата имало петмина тинејџери, кои го разгледувале огненото оружје. Момчето, најверојатно сакајќи да се пофали пред пријателите, го извадило пиштолот што неговиот татко го наследил од дедото.
Додека го разгледувало оружјето, шеснаесетгодишното момче ставило шаржер во кој имало куршуми, по што пиштолот испукал, а куршумот го погодил во вратот. Повредениот тинејџер веднаш се фатил за вратот и излегол на терасата.
На местото на настанот пристигнала екипа на Итната медицинска помош. И покрај сериозната повреда, момчето било свесно и им објаснило на лекарите дека си играло со пиштолот и дека оружјето случајно испукало. Потоа било пренесено во Ургентниот центар.
Родителите на момчето во моментот на несреќата биле на патување, но веднаш се вратиле дома. Таткото на сослушувањето во обвинителството признал дека го поседувал оружјето и дека го чувал во остава. Против него се води постапка за недозволено држење оружје и тешко дело против општата сигурност.


