Градоначалникот на Општина Чаир, Изет Меџити, информираше за потпишувањето на Меморандум за соработка меѓу Општина Чаир и Центарот SkyLab, преку кој 50 ученици од општинските основни училишта ќе добијат можност за бесплатно учество во едукативни програми, насочени кон науката, развојот на личните способности и поттикнувањето на нивниот потенцијал.
Во рамки на оваа соработка, учениците ќе имаат можност да ги посетуваат курсевите SKYLAB НАУКА и SKYMIND, каде што преку практични експерименти и современи методи на учење ќе ги прошируваат своите научни знаења, ќе ги развиваат способностите за концентрација, управување со емоциите и самодовербата.
„Од училишните клупи до експериментите, откритијата и новите идеи! Со овој меморандум исполнуваме уште едно ветување од нашата програма, овозможувајќи им на 50 ученици од Чаир бесплатно да посетуваат програми кои ја поврзуваат науката со личниот развој. Чаир има талентирани деца, со љубопитност и исклучителен потенцијал. Наша задача е да им создадеме можности да го развиваат својот талент, да ги прошируваат знаењата и да ја градат својата иднина со поголема самодоверба. Токму тоа го правиме“, изјави Меџити.
Оваа соработка претставува уште еден чекор кон проширување на образовните можности за учениците од Чаир, поттикнувајќи го учењето преку практично искуство и развојот на способности кои придонесуваат за нивниот интелектуален, емоционален и социјален развој.


