Македонија е првата земја од Европа која одржува стратешки дијалог на вакво високо ниво со актуелната администрација на Соединетите Американски Држави. Ова го истакна премиерот Христијан Мицкоски, коментирајќи ја посетата на македонската делегација во Вашингтон.
Делегацијата е предводена од министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски, кој остварува средби со вториот човек на американскиот Стејт департмент. Премиерот појасни дека на маса се исклучително важни теми за иднината на државата.
„Темите кои ќе бидат опфатени се дигиталната трансформација, вештачката интелигенција, билатералната соработка, енергетиката, како и инфраструктурата во која силно инвестираме. Посебен фокус е ставен и на соработката во одбрамбената индустрија, каде очекуваме голем напредок“, изјави Мицкоски.
Сепак, една од најзначајните вести од овој дијалог е промоцијата на голема американска инвестиција во рударскиот сектор во Македонија. Станува збор за експлоатација на реткиот минерал антимон во кривопаланечкото село Луке.
Според премиерот, истражувањата на терен се при самиот крај и наскоро се очекува почеток на ископувањата. Економскиот бенефит за државата се очекува да биде огромен, бидејќи целото производство ќе биде наменето за американскиот пазар.
„Ќе се извезува во САД. Од инвеститорите ја добив информацијата дека топилницата би се градела во Оклахома, со што се создава еден заокружен циклус. Ова е нешто кое што е многу важно за македонската економија и за нас како граѓани“, заклучи претседателот на Владата.


