Вработените во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување (ПИОМ) од овој месец ќе добиваат повисоки плати. Директорот на Фондот, Никола Мемов, денеска стави потпис на Анексот на Колективниот договор заедно со претставниците на синдикатите УПОЗ, САДУ и КСОМ.
Според договореното, првото покачување од пет проценти ќе биде исплатено со априлската плата, а истиот тренд на зголемување ќе продолжи и во следните две години.
„Очекувам дека ова покачување на платите ќе биде стимул за поефикасно и поодговорно работење. Ние сме сервис на осигурениците и пензионерите, а нивното задоволство е наш секојдневен предизвик“, истакна Мемов по потпишувањето.
Синдикалците изразија задоволство од постигнатиот договор, нагласувајќи дека ова е важен чекор за подобрување на стандардот на вработените во оваа институција.


