Скопје интензивно се подготвува за титулата Европска престолнина на културата во 2028 година. Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски денеска информираше дека тимовите работат деноноќно, а градот наскоро ќе добие и нов лик преку најавеното ребрендирање.
Како дел од овие активности, Ѓорѓиевски најави значаен настан кој ќе се одржи на 15 април.
„На 15 април ќе се одржи официјална средба на градоначалниците на Нова Горица, Горица и Скопје. Истиот ден, во 18 часот во Музејот на Град Скопје, ќе биде отворена заедничка изложба на трите града, што е дел од соработката и размената на искуства со европските градови“, истакна градоначалникот.
Тој додаде дека партнерите од Европската Унија и експерти од други престолнини на културата веќе активно помагаат во процесот за Скопје достоинствено да ја претстави Македонија во 2028 година.


