Пратеничката на СДСМ, Сања Лукаревска, на денешната собраниска седница за пратенички прашања упати прашање до министерот за здравство Сашо Клековски во врска со мерките што се преземаат за заштита на граѓаните и учениците од вирусот западно-нилска треска.
Лукаревска изнесе податоци според кои само ова лето се потврдени 58 заболени и 8 починати лица, нагласувајќи дека во периодот од 2011 до 2025 година биле регистрирани вкупно 54 случаи и 5 смртни случаи.
Таа предупреди дека со почетокот на учебната година ризикот за децата е зголемен поради можноста од убоди од комарци, забележувајќи дека во протоколот за почетокот на учебната година недостасуваат конкретни мерки за оваа загрозеност.
Пратеничката укажа и на неунифицирано постапување во општините каде што е прогласена епидемија – Аеродром, Кисела Вода, Бутел, Гази Баба и Илинден. Поради тоа, таа побара од министерот одговор дали се донесени дополнителни заштитни мерки и посебен протокол за училиштата.
Во своето обраќање до министерот Клековски, Лукаревска истакна:
„Актуелна е состојбата со западно-нилска треска во Македонија. Нешто кое стана наше секојдневие , особено ова лето. Постојано владее страв и паника кај граѓаните. Ако ја погледнеме статистиката, а верувам дека и Вие добро ја знаете , само ова лето потврдени 58 заболени, од кои 8 починати, додека во периодот од 2011 до 2025 година биле регистрирани вкупно 54 потврдени случаи, од кои 5 смртни случаи. Значи за 14 години 5 смртни случаи, за едно лето 8 смртни случаи или само ова лето се евидентирани повеќе заболени отколку во претходните 14 години заедно. И ова е навистина поразителен податок. Вчера слушнавме и дека онаму кадешто немало досега случај, веќе се појавуваат први случаи. Епидемија беше прогласена на 12 август во повеќе скопски општини, имаше и авионско прскање против комарци, потоа имаше прскање од земја, откако веќе имаше починат пациент и заболени лица во критична состојба“.
Таа го објасни ризикот кај училишната популација и побара конкретни информации за соодветни протоколи:
„Бидејќи за луѓето нема вакцина ниту специфична терапија против вирусот, главната заштита остануваат навременото уништување на ларвите, дезинсекцијата и личната заштита од убоди. Кај најмладите, учениците, постои исто така ризик од западно нилска треска, не од пренос на вирусот , туку од можноста од убод од комарец. Ова го зборувам затоа што почна учебната година, и ризикот е зголемен. Има соодветен Протокол и мерки за стартот на учебната година од Институтот за јавно здравје за спречување на ширење на заразни заболувања – чисти раце – свеж воздух – одговорно однесување – здрави ученици“.
„И тоа е во ред, сите чекори и напатствија се наведени. Но нема ништо конкретно за западно нилската треска, бидејќи во оваа ситуација не зборуваме за пренос на вирусот, туку за заштита од убод од комарец. Бидејќи прогласената епидемија се одесува на повеќе скопски општини , Аеродром, Кисела Вода, Бутел, Гази Баба, Илинден, имам впечаток дека истите неунифицирано постапуваат во одбрана на западно-нилската треска. Секој како знае и умее. Ве прашувам, кои дополнителни мерки се превземени за заштита од западно-нилска треска во училиштата и дали имате донесено и доставено соодветен Протокол?“, праша Лукаревска.

