Зоолошката градина во Скопје одбележува еден век од своето постоење, голем јубилеј кој го одбележува своето влијание врз генерации скопјани, започнувајќи од визијата на нејзиниот основач Станко Караман.
Повод јубилејот, градоначалникот Орце Ѓорѓиевски се осврна на значењето на овој простор, како и на преземените активности за модернизација и подобрување на условите во изминатиот период.
„За неполна година од мојот мандат го збогативме животинскиот фонд и започнавме значајни зафати за модернизација. Работиме на реновирање на постојните и изградба на нови живеалишта, ги обновивме покривите, а за најмладите изградивме нов моторички парк. Продолжуваме со нашата цел, а тоа се подобри услови за животните, подобри услови за вработените и уреден, едукативен простор во кој семејствата со радост ќе се враќаат. Секое живо суштество заслужува грижа, почит и достоинствен живот. Тоа мора да биде мерилото за секое наше вложување!“, истакна Ѓорѓиевски.
Тој изрази благодарност до сите кои поддржуваат развојот на институцијата, посебно споменувајќи ги претседателката на државата, раководството и вработените.
„Упатувам искрена благодарност до претседателката на Република Македонија, проф. д-р Гордана Сиљаноска-Давкова, за силната поддршка и заложбата за унапредување на Зоолошката градина, како и до госпоѓа Рози Мицкоска за нејзината посветеност и континуирана поддршка. Благодарам на спонзорите, пријателите и општествено одговорните компании што придонесуваат за нејзиниот развој. Особена почит до директорката Катерина Костова, менаџментот и сите вработени, луѓето чиј секојдневен труд значи грижа за секое животно и опстојување на оваа вековна приказна“, порача тој.
Ѓорѓиевски додаде дека фокусот и во иднина ќе биде ставен на развојот на овој простор во центар за едукација и хуман третман на животните.
„Како градоначалник, ќе продолжам посветено да работам Зоолошката градина да прерасне во водечки центар за едукација, заштита на природата и хуман третман на животните. Пред еден век, визија го создала ова место. Денес, со дела треба да ја заслужиме благодарноста на генерациите што ќе дојдат по нас. Да оставиме подобри живеалишта, повисоки стандарди и деца што ќе израснат со љубов и одговорност кон природата. Тоа е наследство вредно за следните сто години! Нека е честит големиот јубилеј – 100 години Зоолошка градина Скопје!“, заклучи Ѓорѓиевски.

