Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, во гостување во емисијата „Само интервју“ на Канал 5 телевизија вели дека обвинувањата за корупција треба да бидат поткрепени со конкретни докази, наместо да се користат како политички флоскули, нагласувајќи дека Владата е посветена на конкретна и бескомпромисна борба против корупцијата.
„Каде има корупција? Еве нека ни кажат, имате ли вие доказ дека има корупција или тој што вели дека има? Кој е извештајот од Европската комисија каде што велат дека има корупција? Еве сега ќе имаме нов извештај, којшто треба да пристигне за напредокот на земјата, еве да го почекаме да видиме. Второ, тој којшто пријавил корупција и бил дел од процесот, тој што барал корупција е уапсен. Не се само двајца директори, има повеќе. И ќе има уште ако продолжат, еве и денеска имаше една таква акција којашто е поврзана со борба против корупцијата. Се спречи шверц на цигари којшто траел со децении и тоа е само почетокот на таа истрага, допрва ќе следат други докази поврзани со високи функционери на некои од минатите влади што се занимавале со шверц на цигари“, вели тој.
Мицкоски упати јавен повик до граѓаните да пријавуваат случаи на корупција, најавувајќи и соработка со меѓународна организација. Притоа, нагласи дека на секој што ќе пријави корупција ќе му биде гарантирана дискреција, додека секој за кого ќе се докаже дека е корумпиран ќе мора да понесе одговорност.
„Јас јавно ги повикувам граѓаните, а наскоро ќе имаме и прес-конференција со меѓународна организација, онаму каде што има корупција јавно да пријават и да постапуваме. Не прифаќам политички флоскули само дека има корупција. Добро, но дајте да ја пријавиме“, истакна Мицкоски и порача дека сака да е првиот човек кој ја уништил корупцијата.
„Јас сум прв противник против корупцијата. Сакам да бидам човек којшто ја уништил корупцијата. Ајде заедно сите, и тие што ги кажувате дека напишале во извештаите, не да пишуваат постои сомневање, дајте доказ. А јас ви гарантирам дискреција дека нема влакно да ви фали, а тој што е корумпиран ќе одговара“, дециден е Мицкоски.

