Ковачевски се сретна со Мишел: Интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ е прашање од највисок приоритет

Премиерот Димитар Ковачевски се сретна со претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел, а како што соопшти владината прес-служба, разговарано било за повеќе регионални и европски теми.

-На средбата, на која присуствуваа вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ и министерот за надворешни работи Бујар Османи, стана збор за геополитичките предизвици што ги донесе руската агресија на Украина, поради што забрзувањето на интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ стана врвно прашање од највисок приоритет, вклучително со зајакнување на отпорноста на регионот од влијанијата на трети страни. Премиерот Ковачевски на средбата со претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел, истакна дека Северна Македонија целосно ги исполни условите за почеток на преговорите и врз основа на што е донесена и препораката за безусловен почеток за отворање на поглавјата во март 2020 година, велат од Владата.

Двајцата соговорници разговарале и за учеството на Македонија во повеќе регионални проекти поддржани од ЕУ, особено во делот на соработката во енергетиката, како што е интерконекторот за гас во Грција, гасната централа во Александропулос и гасното поврзување со Србија и Косово, кои се поддржани од средства од Економскиот инвестициски план на ЕУ.

-Претседателот на Владата Димитар Ковачевски и претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел разговараа и за придобивките од иницијативата Отворен Балкан за воспоставување на заеднички и поврзан регионален пазар врз основа на четирите слободи на ЕУ за непречен проток на луѓе, капитал, стоки и услуги, како значајни чекори за имплементација на стандардите на ЕУ. Во однос на воената агресија на Русија во Украина, премиерот Ковачевски посочи дека Северна Македонија, како земја членка на НАТО, целосно ја усогласи својата политики со Алијансата и со ЕУ, ги исполни своите обврски и продолжува да дејствува целосно на линија на политиките на Европската Унија, со што уште еднаш покажа дека е достоен партер на европските држави, земји членки на ЕУ, велат од владината прес-служба.

16.06.2022 - 11:02

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега