Коцарев: На лукративните, самобендисани, арогантни и неуки македонски политичари нема да им биде едноставно да се откажат од власта

Претседателот на МАНУ, академик Љупчо Коцарев,  на македонските политичари во 2023-та им посакува соочувајќи се со желбите на сите Македонци, да увидат, еднаш засекогаш, дека само ние, Македонците, можеме да се избориме за нас, Македонците.

„Оттука, обединувањето на македонските политички партии е единствената можност за остварување на посакуваниот сон: вековно опстојување на Македонија. На лукративните, самобендисани, арогантни и неуки македонски политичари, знам, нема да им биде едноставно да се откажат од власта, меѓутоа, сѐ друго води кон пропаст и изумирање на оваа држава, на Македонија. Со цел да престанат уцените и однатре и однадвор, повикувам на обединување на Македонците и на македонските политички партии, меѓутоа, притоа зборувам за вистинско обединување, а не за онакво какво што досега го искусуваме во реалноста, декларативно и привидно“ посочува академик Коцарев во интервјуто за емсијата „Што не е јасно“ на ТВ Алфа.

„Обединувањето за коешто јас се залагам, ќе доведе, прво, Македонците да бидат почитувани од другите народи; второ, Македонците да имаат достоинствен, квалитетен и исполнет живот, и трето, ваквото обединување ќе овозможи да се намали афективната поларизација што на моменти прераснува во омраза меѓу Македонците“ вели академик Коцарев во интервјуто со новинарот Љупчо Цветановски.

„Сведоци сме дека, во Македонија, партиските следбениците ги дискриминираат своите македонски противници до степен што го надминува разумното однесување и води кон разградување на демократијата, кон арогантно и насилно владеење и кон уривање на институциите во државата. Иако изгледа неостварливо и, во овој момент, речиси безнадежно, можеби е најдобро време да го собереме сиот преостанат оптимизам во нас и, сепак, да го промениме македонското општество, најпрво менувајќи го нашиот однос кон самите себеси, а потоа и кон другите и кон Македонија. Во таа насока, ние, Македонците, треба да бидеме солидарни, отворени и подготвени за промени, за обединување, за соживот, за соработка, но и непоколебливи во одржувањето, негувањето и заштитата на македонизмот како нитка што го условува нашиот опстанок на ова парче земја. Македонијо, ти посакувам среќна Нова 2023 година и нека трае вечно твоето опстојување!“ вели во својата честитка до македонскит граѓани претседателот на МАНУ.

28.12.2022 - 19:55

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега