Министерот за здравство Сашо Клековски најави формирање посебна комисија, која ќе го разгледува случајот со Ива Михајлова, а во ревизијата ќе бидат вклучени и експерти од странство. Ова следува по првичниот инспекциски надзор на Државниот санитарен и здравствен инспекторат, при што биле опфатени повеќе здравствени установи.
– Завршивме со првичниот инспекциски надзор од ДСЗИ. Опфатени се повеќе болници, освен Клиниката за неврологија и болниците во Кочани, Штип и уште една здравствена установа. Деновиве ќе формирам комисија, а поради сензитивноста на случајот, ќе барам експерти надвор од земјата да направат ревизија на случајот – рече Клековски по средбата со новинарите, на која ги презентира реализираните активности и стратешките приоритети во изминатите три месеци.
Посочи дека целокупната документација веќе е прибрана и дека претстои нејзина детална обработка. Со формирањето на комисијата и вклучувањето странски експерти, Министерството најавува дополнителна проверка на медицинската документација и постапувањето на здравствените установи вклучени во случајот.

