Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, најави почеток на реализацијата на еден од клучните инфраструктурни проекти во главниот град – изградбата на булеварот „Борис Трајковски“. Јавната набавка веќе е објавена, а по завршување на законската постапка се очекува градежните работи да започнат за околу 40 дена. Рокот за изведба е предвиден до крајот на календарската година, информираа од градските власти.
Проектот предвидува изградба на модерен булевар во должина од 850 метри со четири коловозни ленти и пешачко-велосипедска патека, на потегот од трафостаницата во Пинтија до кружниот тек во Драчево. Со реализацијата на зафатот, според надлежните, трајно ќе се надмине долгогодишниот сообраќаен проблем со кој секојдневно се соочуваат повеќе од 100.000 граѓани.
Од Град Скопје апелираат до граѓаните за разбирање и трпение за време на изведбата на работите, посочувајќи дека привремените отежнувања ќе резултираат со поквалитетно и побезбедно сообраќајно решение.

