Почна реконструкцијата на Поликлиниката „Идадија“ во Скопје, инвестиција вредна над 31 милион денари, соопшти Министерството за финансии.
Проектот „Реконструкција на ЈЗУ Здравствен дом Скопје – Поликлиника Идадија со мерки за зголемување на енергетската ефикасност“ се реализира преку Проектот за енергетска ефикасност во јавниот сектор (ПСЕЕП), кој го спроведува проектната единица при Министерството за финансии во соработка со Меѓународната банка за обнова и развој – Светска банка и Инвестициската рамка за Западен Балкан (WBIF).
Договорот за грант меѓу Здравствен дом – Скопје и Министерството за финансии бил потпишан во декември 2025 година, по што била спроведена јавна набавка. Во март годинава бил потпишан договор со избраниот изведувач во вредност од 31.028.850 денари, по што започнале градежните активности.
Со реконструкцијата, објектот ќе добие современи енергетски ефикасни решенија, подобри услови за работа на медицинскиот персонал и поквалитетен престој за пациентите.
Поликлиниката „Идадија“, која е изградена во 1975 година, повеќе од четири децении функционира со застарена инфраструктура – без соодветна термоизолација, со дотраена фасадна столарија, неефикасен систем за греење и застарено осветлување.
Проектот предвидува поставување нова термоизолациска фасада и покривна изолација, целосна замена на фасадната столарија, модернизација на системот за централно греење, поставување енергетски ефикасно ЛЕД-осветлување, како и реконструкција на електроинсталацијата.
Од Министерството за финансии очекуваат со реализацијата на проектот значително да се намали потрошувачката на електрична и топлинска енергија, да се намалат оперативните трошоци и да се подобрат условите за работа и за пациентите кои секојдневно ги користат услугите на поликлиниката.
Реконструкцијата на „Идадија“ е дел од пошироките активности за модернизација на јавната инфраструктура преку енергетски ефикасни и одржливи објекти.


