Бесплатен разглед на Матка и пештерата Врело со организиран автобуски превоз и професионални туристички водичи од Македонската асоцијација на туристички водичи и придружници организираше Град Скопје.
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски во објава на Фејсбук рече дека целта била природните богатства на Скопје да им бидат поблиски на граѓаните кои, како што вели, имале можност да се запознаат со нивните особености и да дознаат повеќе за нивното значење.
-Некои од најголемите природни богатства се токму тука, на дофат на секој скопјанец. Наша обврска е да ги чуваме, а моја желба е што повеќе граѓани лично да ја доживеат убавината со која Скопје се гордее! Токму затоа, денес организиравме бесплатен разглед на Матка и Врело, можност нашите сограѓани да се оддалечат од секојдневието и да уживаат во едно од најубавите катчиња на нашиот град – истакна тој.
Како дополнителен мотив за промоција на пештерата Врело, градоначалникот го посочува подвигот на полскиот нуркач Бартломиеј Питала, кој достигна длабочина од 338 метри, со што Врело е запишана како најдлабоката подводна пештера во светот истражена од човек.
Градоначалникот најавува дека бесплатните разгледи ќе се организираат почесто, со цел што повеќе граѓани од различни генерации да ги запознаат природните убавини на градот и да се подигне свеста за зачувување на природното наследство.
-Вакви бесплатни разгледи ќе организираме почесто, за што повеќе наши сограѓани, од сите генерации, да ги запознаат убавините на Скопје и да создадат нови спомени. Преку овие посети ќе ја зајакнуваме и свеста за зачувување на природното наследство што им го оставаме на нашите деца. Скопје има богатства што заслужуваат да бидат видени, доживеани и сочувани. Да го запознаеме со восхит, да го чуваме со одговорност и да го сакаме со дела! – наведува Ѓорѓиевски.

