Големата акција за чистење на Скопје продолжува денеска од 10 часот, со учество на илјадници волонтери во сите скопски општини. Акцијата ќе опфати повеќе од 50 локации, каде што ќе се чистат паркови, улици, пешачки патеки, јавни површини и простори меѓу станбените згради.
Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, преку објава на Фејсбук ги повика граѓаните да се приклучат и заеднички да придонесат за почиста и поздрава животна средина.
„Силата на Скопје е во неговите луѓе. Во оние што ќе излезат од својот дом за да го направат поубав и заедничкиот. Во рацете што чистат, во свеста што се буди, во решителноста да оставиме нешто добро зад себе“, порача Ѓорѓиевски.
Во акцијата ќе учествуваат општините и нивните градоначалници, ученици, волонтери и граѓани од различни генерации и професии. Целта е да се подобри состојбата со чистотата на јавните простори и да се поттикне поголема одговорност кон животната средина.
Ѓорѓиевски нагласи дека секој придонес е важен и ги повика скопјани да се информираат во своите општини за конкретните локации и начинот на вклучување во акцијата.
„Секој пар вредни раце значи уште едно почисто катче во нашиот град. Затоа, ве повикувам да ја претвориме желбата за поубаво Скопје во заедничка работа што ќе се гледа во секое маало“, истакна градоначалникот.
Тој посочи дека институциите имаат обврска да обезбедат ред и редовно одржување на чистотата, но дека и граѓаните треба да придонесуваат за зачувување на заедничкиот простор. Според него, несовесното фрлање отпад и создавањето диви депонии мора да повлечат одговорност.
„Нечија неодговорност не смее да го поништува трудот на илјадници луѓе. Верувам во Скопје, затоа што верувам во скопјани и во силата да се обединиме“, порача Ѓорѓиевски.
Тој најави дека активностите ќе продолжат со цел грижата за јавните површини да стане секојдневна навика, а не само дел од организирани акции.
„Се гледаме во 10 часот. Со засукани ракави и со срце за Скопје. Зад нас нека останат чисти маала и пример што ќе го следат генерации. Да оставиме пример, не ѓубре“, порача градоначалникот.

