На денешната прес-конференција на СДСМ, членот на ИО Јон Фрчкоски порача дека скандалот со Алта банка нема да биде заташкан и побара итна реакција од надлежните институции. Според опозицијата, Христијан Мицкоски панично ја брани банката и се обидува да ги сокрие врските и потеклото на капиталот.
Од СДСМ истакнуваат дека гувернерот Трајко Славески сноси директна одговорност бидејќи овозможил работење на институција поврзана со сериозни сомнежи за криминал, потсетувајќи дека тој јавно признал дека одлуките ги носел во консултации со премиерот. Поради овие причини, партијата веќе поднесе кривични пријави против гувернерот и сите инволвирани лица.
„Сега на ред е обвинителот Савески веднаш да постапи по кривичната пријава“, посочи Фрчкоски, додавајќи дека Обвинителството мора да демонстрира независност и да работи исклучиво според законот.
Во обраќањето беше нагласено дека паниката кај граѓаните настанала затоа што власта ја донела спорната банка во земјата, ги насочила јавните претпријатија кон неа, за на крајот со воведувањето присилна управа да им ги блокира средствата на депонентите. Од СДСМ порачуваат дека одговорноста ќе мора да се утврди, а документите и трансакциите целосно да се истражат.

