Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денеска заедно со градоначалниците на скопските општини, млади волонтери и илјадници граѓани ја продолжи големата акција за чистење и уредување на главниот град.
Во масовното расчистување на терен се вклучија и голем број угостители од градот, давајќи поддршка на иницијативата за почиста животна средина.
Ѓорѓиевски упати благодарност до сите учесници во акцијата, нагласувајќи ја важноста на заедничката одговорност за одржување на хигиената.
Денес повторно, околу 30.000 причини да веруваме во силата на овој град. Во најмасовната еко-акција за нашето Скопје, видовме што може да направи љубовта кон својот град кога ќе стане дело. Луѓе кои одвоија од своето време, ги засукаа ракавите и вложија труд за сите нас. За својата улица. За соседите. За децата. За нашиот заеднички дом. Тоа е Скопје во кое верувам. Скопје што се обединува, презема одговорност и со сопствени раце го менува своето секојдневие – изјави Ѓорѓиевски.
Тој упати и директна порака до граѓаните кои несовесно постапуваат со отпадот и предупреди дека надлежните служби ќе преземат строги мерки.
На секој од вас ви благодарам од срце. Горд сум на вашата посветеност, на вашата совест и на примерот што денес го оставивте. Нашите деца заслужуваат да растат покрај зеленило и во чиста околина, а од нас да научат како се чува тоа што им припаѓа на сите. До оние што и понатаму несовесно фрлаат отпад им порачувам: почитувајте ги овие луѓе. Почитувајте го нивното време, нивниот труд и нивниот град, кој е и ваш. Секое катче што денес го исчистивме носи нечиј вложен напор. Никој нема право утре повторно да го претвори во депонија. Оваа енергија има сила да создаде трајна промена. Да почнеме од својот праг, од улицата по која минуваме, од паркот во кој играат нашите деца. Одговорноста за почист град ја покажуваме со секоја наша постапка, а за секој што намерно го загадува Скопје – нема да има толеранција. Ви се поклонувам за трудот и за големото срце. Да оставиме пример, не ѓубре – рече Ѓорѓиевски.
Првиот човек на градот соопшти дека ваквите еколошки акции ќе се спроведуваат редовно, односно двапати месечно, со цел одржувањето на јавната чистота да прерасне во постојана практика.

