Во Скопје пристигна првата испорака од вкупно 3.300 нови контејнери, што претставува најголема набавка на комунална опрема во историјата на градот, соопшти градоначалникот Орце Ѓорѓиевски. Нивното распоредување низ скопските населби започнува уште денес, со цел да се заменат скршените и дотраени садови и да се обезбедат повеќе места за правилно одлагање на отпадот.
Градоначалникот истакна дека новите контејнери се набавени по двојно пониска цена во споредба со претходните набавки, и покрај глобалниот раст на цените. Дополнително, најавено е пуштање во работа на нови камиони следната недела, како и поставување на 60 контејнери за селекција на стакло.
„Особено важно е што истите контејнери, за кои моите претходници плаќале по 18.600 денари, ние ги набавуваме по двојно пониска цена. И тоа во време на глобален раст на цените! Тоа значи да се води сметка за секој денар на граѓаните. Вашите пари се заработени со труд и наша обврска е да ги трошиме чесно, разумно и одговорно!“, нагласи тој.
Тој упати и јасен апел до граѓаните за совесно однесување, предупредувајќи дека за одлагањето на градежен шут и кабаст отпад во и покрај контејнерите нема да има толеранција.

