Градоначалникот на Општина Зелениково, Коста Маневски, на денешната прес-конференција презентираше отчет за сработеното во првата година од новиот мандат, истакнувајќи дека општината реализирала низа клучни инфраструктурни и комунални проекти.
Според Маневски, во изминатиот период се реконструирани повеќе локални улици во Станица Зелениково, Ново Село, Орешани и околните населени места, а изградени се и нови пешачки патеки со цел поголема безбедност на граѓаните. Истовремено, комуналните капацитети се зајакнати со набавка на ново специјализирано возило за отпад и мултифункционално возило за одржување патишта, а реконструирана е и локалната амбуланта.
Значаен акцент беше ставен на проектот за градски воз на релација Зелениково–Скопје, кој треба да обезбеди побрза и подобра поврзаност на жителите со главниот град. Општината продолжи и со финансиска поддршка за новороденчињата, првачињата и полуматурантите, како и со помош за локалниот спорт и противпожарното друштво.
„Ова е отчет за само првата година од новиот мандат. Направено е многу, но пред нас има уште многу работа. Имаме улици кои треба да се реконструираат, потребни се дополнителни вложувања во водоснабдувањето, комуналната инфраструктура, образованието, животната средина и уредување на јавните површини“, истакна Маневски, најавувајќи продолжување на реализацијата на нови проекти со поддршка од Владата.

