Нова голема акција за чистење на Скопје се одржа денеска со учество на градоначалниците на скопските општини, млади, волонтери и илјадници граѓани, објави градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, на социјалните мрежи.
Во својата објава, Ѓорѓиевски изрази благодарност до сите учесници и упати порака до оние што фрлаат отпад по улиците и парковите, нагласувајќи дека за намерното загадување на градот нема да има толеранција и дека треба да се почитува трудот на сограѓаните кои чистат.
Тој најави дека акциите за чистење ќе продолжат со темпо од двапати месечно, со цел преку конкретни дела да се зачува чистотата на Скопје.

