Професионалните возачи од земјите надвор од Европската Унија ќе мора и понатаму да се придржуваат до постојните Шенгенски правила, иако Европската комисија признава дека актуелниот режим создава сериозни потешкотии за оние чија работа бара често и долготрајно патување.

Портпаролот на Европската комисија, Маркус Ламерт, изјави дека Брисел е запознаен со проблемот со кој се соочуваат одредени категории професионалци од трети земји, меѓу кои и возачите на камиони. Според него, станува збор за работници кои поради природата на својата професија имаат потреба од пристап до Шенген-просторот подолго од 90 дена во период од 180 дена.

„Ова се однесува на професии кои бараат висок степен на мобилност, како што се возачите на камиони, но и спортистите и уметниците на турнеја“, посочи Ламерт.

Тој нагласи дека решавањето на проблемот во одредена мера зависи и од националните законодавства и билатералните договори на земјите-членки, со што постои простор за изнаоѓање практични решенија во рамките на актуелните правила. Како можни механизми се наведуваат долгорочните визи и дозволите за престој, додека во одредени ситуации возачите би можеле да бидат третирани како прекугранични работници.

Ламерт појасни дека новиот систем за влез и излез не воведува нови ограничувања, но Комисијата останува отворена за разговори за специфичната положба на професионалните возачи.

„Продолжуваме да соработуваме со нашите партнери од Западен Балкан“, рече Ламерт, додавајќи дека за ова прашање во повеќе наврати било разговарано и со претставници на транспортниот сектор.

Оваа реакција следува по протестите на стотици превозници од Скопје, Сараево, Белград и Подгорица пред делегациите на ЕУ. Тие бараат исклучување од правилото за престој од 90 дена во период од 180 дена и најавија можни блокади на границите кон ЕУ доколку не се најде решение.

Exit mobile version