Бројот на загинати во катастрофалните поплави на границата со Тибет надмина 1.000 лица, соопшти непалската национална агенција за катастрофи, пренесува „Би-Би-Си“.
Повеќе од 3.900 луѓе сè уште се водат како исчезнати, а меѓу нив се и над 600 работници за кои се верува дека се заробени во тунелите исполнети со кал во хидроцентрала покрај реката Тришули.
Инженерите пумпаат воздух во тунелите, но семејствата на заробените реагираат дека тоа требало да се направи порано. Иако еден спасувачки тим успеа да влезе во еден од тунелите, се повлече откако во него не беше пронајдено ниедно лице.
„Сакам да го најдеме. Сакам да можеше да се врати дома“, изјави Анушила Бандари, сопруга на исчезнат 33-годишен инженер.
Непалскиот премиер Балендра Шах изјави дека од локациите досега се спасени 279 луѓе. Спасувачката операција ја води меѓународен тим од кинески и непалски воен персонал, а вклучени се и експерти од Индија, Кореја и Австралија.
„Сè уште имам 50 проценти надеж дека е жив бидејќи внатре има систем за снабдување со кислород“, изјави Сита Пандеј, чиј сопруг работел во централата во моментот на поплавите.
Оваа земја е силно зависна од хидроенергијата, а властите соопштија дека најмалку 11 вакви проекти се оштетени во поплавите.
„Колку повеќе време поминува, толку повеќе нашата надеж бледнее. Оваа операција мора да биде многу побрза бидејќи секоја секунда е важна за нас“, изјави Џибан Кадка, чиј роднина е заробен во објектот.
Премиерот Шах порача дека спасувачките операции се интензивираат и дека овој инцидент не е обичен настан.
„Овој инцидент покажува дека ризиците со кои се соочуваме во хималајскиот регион се зголемуваат со климатските промени“, рече тој.


