Од вкупно 22 регистрирани пожари на отворен простор низ државата денеска до 18 часот, активни се уште пет, пет се ставени под контрола, додека 12 се целосно изгаснати, соопштија од Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Во општина Штип гори ниска вегетација меѓу селата Селце, Пухче, Степанци и Лакавица, додека во општина Струга е зафатена шума на територијата на селата Пискупштина, Луково и Буринец.

Два пожара се забележани во општина Сарај – едниот опфаќа нискостеблеста шума и ниска вегетација кај селата Копаница и Радуша, а вториот гори во Долно Арнакија. Ниска шума е опожарена и во селото Гошинце, општина Липково.

Од пожарите што се ставени под контрола, три се наоѓаат на територијата на општина Македонски Брод. Во подрачјето на селата Битово, Заград и Страјане се зафатени нискостеблеста шума, ниска вегетација, пасишта и папрат. Во селото Драгов Дол и во селото Белица исто така се контролираат пожарите кои зафатија ниска вегетација и шума.

Четвртиот пожар под контрола е во општина Зелениково, каде над селото Палиград гори мешана шума, додека петтиот локализиран пожар го опфаќа подрачјето на градската депонија „Острец“ во општина Делчево.

Пожарникарите успеаја целосно да изгаснат 12 пожари, од кои два беа во општина Прилеп, а останатите во општините Боговиње, Валандово, Велес, Виница, Гостивар, Долнени, Липково, Ново Село, Ранковце и Сарај.

Exit mobile version