Ер-тракторите на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) и два хеликоптери на МВР и на Армијата се вклучија во гаснењето на пожарот во Лакавичкиот Регион во општина Штип, соопшти во вонредна изјава од терен директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов.
Покрај реката Лакавица се лоцирани околу стотина викендици, а противпожарните екипи и доброволците засега ја држат под контрола линијата која ги загрозува овие објекти. По обезбедувањето на овој појас, фокусот ќе се пренасочи кон кракот што се движи кон планината Серта.
-Голема благодарност до сите пожарникари, кои со надчовечки напори успеаја да ја стопираат линијата на огнот, која ме загрижи, бидејќи постоеше голема опасност за многубројните викендици кои во суштина се покрај пресушената река Лакавица и по број се поголеми од едно големо македонско село. Во овој појас има стотина викендици. Засега има контрола, на повеќе места се поставени доволен број пожарникари очекувам до вечер да имаме контрола барем на делот кој ги загрозува вкендиците, а потоа останува да го ставиме под контрола горниот дел кој се движи во насока на планината Серта-вели Ангелов.
Во интервенцијата се ангажирани значителни сили од професионалните противпожарни единици од источниот регион, како и специјализирана опрема и тимови.
-Но, истовремено побарав поддршка и од огнените тимови на Дирекцијата со доброволни пожарникари кои се овде на лице место. Тука имаме повеќе противпожарни возила, БТР на ДЗС кој служи за одбрана на блисите викендици, но и повеќе пинцгауери-рече Ангелов.
Според податоците на Центарот за управување со кризи, до 18 часот се регистрирани вкупно 22 пожари на отворен простор, од кои пет се активни, пет се ставени под контрола, а 12 се целосно изгаснати.
Покрај штипскиот регион (помеѓу селата Селце, Пухче, Степанци и Лакавица), активни жаришта има и во Струшко (селата Пискупштина, Луково и Буринец), Сарај (кај Копаница, Радуша и Долно Арнакија) и Липково (село Гошинце).


