Вкупно 11 земји-членки на Европската Унија побараа да се разгледа можноста за премин од едногласно донесување одлуки кон гласање со квалификувано мнозинство во одредени сегменти од надворешната политика, пишува „Јуроњуз“.

Иницијаторите испратија официјално писмо до високата претставничка на ЕУ за надворешна политика, Каја Калас, во кое ја образложуваат својата позиција.

„Културата на консензус на Унијата е важен извор на нејзината легитимност. Затоа, ние продолжуваме да се стремиме кон консензус секогаш кога е можно. Но, исто така мора да се осигураме дека оваа култура на консензус охрабрува заедничко дејствување, а не го спречува – во спротивно ќе имаме легитимитет, но не и сила“, се наведува во писмото испратено до Калас.

Предлогот вклучува почеста примена на таканаречената конструктивна воздржаност наместо ставање вето. Покрај тоа, се бара избегнување на праксата за условување и поврзување на надворешнополитичките одлуки со други неповрзани теми, како и активирање на „клаузулата за пасерела“ предвидена во членот 31 од Договорот за ЕУ.

Според актуелната регулатива, сите одлуки во делот на заедничката надворешна и безбедносна политика бараат целосен консензус, што му овозможува право на вето на секој поединечен член.

Како илустрација за забавување на процесите се посочува Унгарија под раководство на Виктор Орбан, која во повеќе наврати ги блокираше одлуките на Унијата, вклучително и пакетот финансиска помош за Украина вреден 90 милијарди евра на почетокот од годинава.

Поддржувачите на реформата сметаат дека квалификуваното мнозинство ќе обезбеди побрзо дејствување на ЕУ, додека противниците застапуваат став дека укинувањето на ветото ќе ги наруши интересите на помалите држави.

Евентуалната промена на правилата бара согласност од сите членки, што само по себе претставува пречка бидејќи земјите противници можат да го блокираат самиот процес. Паралелно, Франција и Германија бараат зајакнување на позицијата на Каја Калас и нејзино подиректно поврзување со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.

Exit mobile version