Европската комисија закажа итен состанок за следната недела со министрите од шесте земји од Западен Балкан, со цел да се најде решение за проблемите на транспортните оператори кои деновиве ги блокираа границите кон ЕУ. Портпаролот на ЕК, Маркус Ламерт, денеска потврди дека Брисел бара „прагматични решенија“ за возачите на камиони.

Според Ламерт, Комисијата веќе размислува за воведување на ново законодавство кое би овозможило специфични правила за престој на одредени професии, како што се превозниците, спортистите и уметниците.

„Свесни сме за загриженоста на операторите од Западен Балкан и внимателно ја следиме ситуацијата. Ќе се разгледа воведување ново законодавство со специфичен сет правила за продолжен кус престој на ниво на ЕУ“, изјави Ламерт.

Иако Брисел најавува флексибилност, Ламерт повтори дека правилата за 90 дена престој во период од 180 дена се на сила со години и дека новиот систем ЕЕС (Entry/Exit System) само ја зајакнува контролата, а не воведува нови ограничувања.

Exit mobile version